Показатели за психомоторна зрелост за тргнување на училиште кај детето

Психолошкото тестирање во училиштата се прави со цел да се согледа дали детето е способно да усвојува знаења што се предвидени со наставните планови и програми за прво одделение. Она што психолозите согледуваат е општествениот и културниот статус на семејството, степенот на развиеност на графомоториката, помнењето и говорот, општите знаења, разбирањето на некои природни и општествени појави, начинот на мислење и заклучување, поимите и вештините со кои детето располага, како решава некои практични проблеми, како и степенот на социјалната и емоционалната зрелост. На родителите им се кажува што направило детето добро, а што помалку добро. За она што треба да се стимулира и да се исправи им се даваат совети како да го направат тоа.

Показатели за психомоторна зрелост за тргнување на училиште кај детето

  • Има добра координација на фините движења на прстите на рацете и окото
  • Црта човечка фигура со глава, тело, раце, нозе и детали (очи, нос, уста, уши, коса, прсти, облекло)
  • На лист хартија може за 20 секунди да нацрта најмалку 6 прави вертикални линии
  • Умее да покаже која му е лева, а која десна рака
  • Говорот му е развиен доволно за да гради зависно сложени реченици (на пример: „Ако не си легнам рано, нема да се разбудам навреме за на училиште“)
  • Има волево насочување на вниманието кое може да го задржи преку 20 минути на една активност, а не го отстрануваат случајни звуци и појави
  • Размислува на ниво на конкретни појави и операции
  • Се става во положба на друго лице и светот го гледа од негово стојалиште
  • Може да биде одвоено од родителите повеќе часови или денови
  • Има поширок круг на социјални контакти и тие се посложени
  • Не бара и не очекува исто од родителите и од учителката или од децата
  • Соработува во заедничките активности во групата, има омилени другари, ги заштитува помалите

Детето е подготвено да тргне на училиште ако ги изговара правилно сите гласови, добро гледа и слуша, здраво е, умее да слуша и да ги прераскаже приказните или она што го гледало на ТВ или во детски театар, умее да користи ножички, да црта, да решава едноставни загатки и да прави конструктивни лего коцки, сака да игра со другите деца и не се лути кога губи во игрите.

Освен сознајните, кај детето треба да се стимулираат и творечките способности и да се развива неговата фантазија. Добра подготовка за тргнување на училиште може да даде посетувањето на предучилишна институција или забавиште една година пред тоа.

Извор:

Психологија на детството и на адолесценцијата – Олга Мурџева Шкариќ



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.