Постигнување долготрајна промена: Зошто е често неуспешна и како да ги надминете предизвиците

Преземањето на првиот чекор за постигнување одредена промена не е најтешкиот дел, иако повеќето луѓе често се оптоваруваат токму со првиот чекор. Дали станува збор за вежбање, барање нова работа, откажување цигари или слично, намерата да се започне со процесот е само еден од многуте чекори. Откако ќе започнете, вистинските промени во животниот стил тешко се одржуваат. Според една студија на Scraton University, 92 % од луѓето кои прават планови за промени во новата година, не успеваат да ги постигнат. Зошто е тоа така?

Постигнување долготрајна промена: Зошто е често неуспешна и како да ги надминете предизвиците?

Голем дел од нашата енергија посветуваме во подготовки за да се започне со остварување некоја цел, но и покрај адреналинот и ветувањата кои сме ги направиле првиот ден, ретко кога тие се одржуваат. Три недели подоцна приказната е поинаква: обидот да се направи нешто храбро и ново го губи факторот возбуда и како што треба да се вложува и напор и понатаму за постигнување на промената, вообичаено е да се вратите на претходно воспоставените шеми на однесување.

Знаењето со што ќе се соочите, може да ви олесни да најдете долгорочни решенија за остарување на вашите цели. Подолу објаснети се вообичаените стапици кои ве попречуваат во создавањето и одржувањето посакуваната промена.

Резултатите не се веднаш видливи

Кога ќе донесеме решение (на пример ваа недела ќе го исклучам шеќерот од исхраната) вообичаено сме ентузијастични и енергизирани во врска со тоа. Возбудливо е, ново е и горди сме на себе. Но, често постои временски јаз меѓу почетокот на програмата за вежбање и гледањето на резултатите, или прекинот на пушење цигари до ослободувањето од постојаниот нагон да се запали цигара. Тогаш може да почнеме да размислуваме – Зошто да поминувам низ сите тешкотии и да не ги добијам веднаш резултатите? Зошто да се трудам воопшто? Средната фаза во процесот на промена во однесувањето бара многу издржливост и верба.

Тука, факторот поддршка е од клучно значење во постигнувањето промена. Има причина за постоењето на професионалци за индивидуална консултација, групи за поддршка, online форуми за разговор и сл. – што е од огромно значење на личноста да биде поттикната да се придржува до програмата. Наоѓањето партнер, пријател или група за поддршка, терапевт или life coach за промената која сакате да ја направите е одличен начин да го поттикнете придржувањето, а и за да ви биде позабавно во целиот процес.

Постигнување долготрајна промена: Зошто е често неуспешна и како да ги надминете предизвиците?

Луѓето околу мене не се согласуваат со промените кои сакам да ги направам

Можеби посакувате да дадете отказ од работа и да направите промена во кариерата, но вашиот партнер или семејството смета дека тоа е ризичен чекор. Или пак, сакате да се смирите со вашата мајка, но вашата сестра ви се лути поради тоа. Доволно е тешко да ја направите промената, но доколку немате поддршка, особено од блиските, може да ве спречи на патот кон промената уште пред првиот чекор.

Доживувањето е навистина  разочарувачко доколку немате доволна поддршка од вашите пријатели и семејството за промените кои ви се од значење, за кои вложувате многу напор и сте одлучни. Природно, очекувањата ви се да добивате најмногу поддршка од најблиските, но тие може и најмногу да ве саботираат. Знаењето дека ова е опција која е можна, може да придонесе да бидете помалку разочарани. Дури и очекувањето дека сите околу вас ќе ви дадат максимална поддршка е нереално. Тука може да ви помогнат и некои техники како водење дневник, медитација или позитивен говор кон себе си (на пример – ова е значајно за мене и добро за луѓето околу мене) ва време на стрес.

Луѓето околу мене ми отежнуваат во личните остварувања

Постои термин во психоогијата „хомеостаза“ кој објаснува дека луѓето имаат тенденција да го одржуваат системот во кој се наоѓаат, дури и кога тој систем им наштетува. Со други зборови, промената е „страшна“, дури и кога таа е добра за нас. Така, според некои правила на однесување во група, ние не можеме да очекуваме членовите од семејството или пријателите да почнат да „скокаат од среќа“ кога ќе се решиме да се грижиме подобро за себе. Нов, поздрав начин на живеење (во било која смисла) може кај некои пријатели да предизвика љубомора или чувство дека заостануваат.

Понекогаш, дури и кога луѓето го сакаат најдоброто за нас, може да ни попречуваат. Еден секојдневен пример е кога еден човек во друштвото се обидува да прекине со пушење цигари, а остатокот од друштвото постојано му нуди да земе „само една“. Несвесната желба за одржување на „хомеостазата“ е тоа што ги поттикнува на такво однесување. Најдобар начин на справување со ова е директно, преку благо  опоменување, или индиректно, со поттикнување на некој од пријателите да ви биде „сојузник“ и поддршка во воспоставувањето на новиот начин на живот. Кога ќе им дадете можност на луѓето да учествуваат или да се потпрете на нив, голем дел од нив ќе ви излезат пресрет и ќе ги тргнат на страна своите несигурности и скептицизам.

Се менувам, но го нема волшебното стапче за среќа кое го очекував

Многумина од нас може да поминуваат години фантазирајќи колку сè ќе биде прекрасно кога – (ќе ја наполниме сметката во банка, го постигнеме посакуваниот изглед, го/ја сретнеме вистинскиот/та…). Доколку мислите дека ќе станете сосем друга личност откако ќе ја постигнете идеалната тежина, но постигнувајќи ја полека целта вашите доживувања не се согласни вашите очекувања за нивото на среќа и исполнетост, може да ви биде тешко да продолжите понатаму.

Поставувањето реални очекувања во врска со некоја промена е од клучно значење. Постои една изрека – „Каде и да одите, се носите себе си таму“. Со други зборови, ова значи дека вие не можете да побегнете од својата основна природа и надворешната промена нема да создаде инстант среќа, онаму каде што претходно ја немало.

Промената може да биде револуционерна, но исто така, може да биде и не многу забавна и многу малку впечатлива. Токму затоа, потребно е да ја направите не заради надворешни награди, туку заради самиот процес. Направете ја промената за да си докажете себе си дека можете, или бидејќи процесот ќе биде богат со лекции и можности за раст и развој.

На крајот, не станува збор за прашање на „сè или ништо“, т.е. или целосно се менувате или воопшто не се менувате. Доколку се фокусирате на решението од ден на ден, ќе можете да уживате во секој чекор, дури и на потешките. После сè, повеќето искуства не завршуваат онака како што сме замислувале.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.