Потреба да се има целосна контрола над животот

Дали имаме целосна контрола над својот живот? Или само сме играчки во рацете на судбината? На овие прашања веројатно никој не може да одговори точно. Сепак, психолозите велат дека луѓето може да се разликуваат по тоа во која мера веруваат дека имаат контрола над својот живот. Ваквата особина се нарекува локус (место) на контрола. За луѓето со внатрешен локус на контрола карактеристично е што веруваат дека самите управуваат со својот живот и тоа што им се случува во животот во главно е резултат на нивното однесување. Луѓето со надворешен локус на контрола пак, веруваат дека немаат контрола над својот живот и дека она што им се случува е резултат на среќа, судбина или делување на други луѓе.

Потреба да се има целосна контрола над животот

Резултатите од истражувањата говорат дека луѓето со внатрешен локус на контрола имаат одредени предности, во споредба со луѓето со надворешен локус на контрола:

  • Упорни се
  • Подобро се соочуваат со стрес
  • Помалку се подлежни на тегоби и депресија
  • Отворени се за нови животни предизвици
  • Вообичаено се успешни во образованието и професијата

Сепак, колку и да имаат предности луѓето со внатрешен локус на контрола, во тоа може и да се претера. Имено, ние не можеме да имаме контрола над сите случувања во животот и доколку тоа го очекуваме, истото ќе биде поголем недостаток отколку предност. Дали ви се познати ваквите реченици (од себе или од други):

  • Морам да ги натерам да ме сослушаат…
  • Мораат да го сторат тоа што сакам…

Можеби ќе ги натерате другите да ве сослушаат, а можеби и не. Дали некој ќе ве сослуша е под неговата, а не под вашата контрола. Над некои работи имаме контрола, но над други немаме. Доколку се обидуваме постојано да ги промениме работите кои не се под нашата контрола, ќе бидеме постојано фрустрирани, лути и под стрес.

Луѓето кои сакаат да имаат целосна контрола над својот живот, живеат во постојан страв дека таа контрола можат да ја изгубат. За да го намалат тој страв, често стануваат претерано уредни и организирани, обидувајќи се однапред да се подготват за сè што може евентуално да им се случи. Но, тоа не е секогаш можно. Ако не сакаме да бидеме постојано фрустрирани, мораме да го прифатиме фактот дека не можеме да бидеме подготвени за сè што може да ни се случи, понекогаш мораме да се препуштиме на случувањата. Во такви случаи најдобро е да стоиме од страна и да набљудуваме што се случува, а потоа да одредиме што треба да направиме.

Обидот секогаш да го предвидиме тоа што би можело да се случи има уште една негативна последица – оневозможување да бидеме спонтани и природни и да се забавуваме. Постојаното размислување за тоа што може да ни се случи е многу напорно и станува бесмислена и нималку забавна работа. Особено ако не се употребува кочница за истото. Многу луѓе веруваат дека имаат поголема контрола над својот живот, отколку што навистина е случај.

Ако ставите во шапка сина и црвена стаклена кугла и им кажете на луѓето дека ќе добијат автомобил ако извлечат сина – тие веруваат дека имаат поголема шанса да ја извлечат сината кугла! Ако не е така, веројатно не би било толку распространето коцкањето. Ние сакаме да веруваме дека можеме да имаме контрола над случувањата и ни се допаѓаат луѓе кои веруваат во тоа. Тоа ни дава надеж.

Ова наликува на ирационалното верување за праведен свет! Луѓето веруваат дека секој го добива тоа што го заслужува. Веруваме дека добрите работи им се случуваат на добри луѓе (оние кои се како нас), а лошите работи на лоши луѓе. Тоа, на жалост не е точно. Сепак, знајте дека ако ви се случи нешто лошо, луѓето веројатно ќе веруваат дека тоа и сте го заслужиле. Ваквото верување, исто така ги ослободува од обврската да ви помогнат.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.