Повеќе информации за туберколозата

Туберколозата е заразна болест која е предизвикана од бактерија. Се пренесува преку воздухот и најчесто се заразуваат белите дробови, но можат да бидат опфатени и други органи. Се додека одбранбените способности на заразениот организам се добри заразата ќе биде под контрола, односно нема да се појави болеста. Меѓутоа кај 10% од заразените по повеќе месеци или години може да дојде до намалување на одбранбените способности и да се појави туберколозата.

Причини за намалување на одбранбените способности на заразениот организам најчесто се:

  • Нередовна и слаба исхрана;
  • Пренаселеност, живеење на многу лица во мал простор;
  • Лоши хигиенски услови за живот и работа;
  • Претерана физичка и психичка исцрпеност;
  • Навики како пушење, користење на дроги, алкохол;
  • Болести или состојби кои го намалуваат имунитетот (шеќерна болест, анемија и појава на други болести).

Повеќе информации за туберколозата

Секој може да заболи од туберколоза!

Заразата со бактериите се пренесува од болен од туберколоза на здрави лица, преку воздухот со:

  • Кашлање;
  • Кивање;
  • Зборување;
  • Смеење.

Симптоми на туберколозата

  • Кашлица која трае подолго од три недели;
  • Искашлување на крвав искашлок;
  • Покачена телесна температура, треска и потење, особено попладне или наутро;
  • Губиток на апетит и тежина;
  • Болка во градите.

Ако имате некои од наведените симптоми, обратете се кај Вашиот матичен лекар и тој ќе ве упати на понатамошно испитување.

Лекување на туберколозата

Болните од туберколоза се регистрираат и лекуваат во диспанзери и болници за белодробни заболувања и туберколоза кои ги има низ целата држава.

Лекувањето на туберколозата е Бесплатно.

Туберколозата успешно се лекува ако редовно се земаат лековите препорачани од специјалист за белодробни заболувања и туберколоза.

Лекувањето трае најмалку 6 месеци.

Групи на луѓе кои се под зголемен ризик да заболат од туберколоза:

  • Лица кои се во контакт со заболени од туберколоза (семејство, работно место, училиште и слично);
  • Лица на издржување на затворска казна;
  • Емигранти и раселени лица од земји со голем број на заболени од туберколоза;
  • Корисници на дроги, алкохол и пушачи;
  • Лица кои престојуваат во психијатриски болници, геријатриски домови, воспитно-поправни домови, казнено-поправни домови;
  • Лица кои живеат со ХИВ/СИДА.

Превенција на болеста

  1. Вакцинација со BSG вакцина (секој ја добива од своето раѓање, а се однесува на лицата родени во болница);
  2. Рано откривање и лекување на болните од туберколоза е најдобра превенција од ширење на болеста на други лица;
  3. Редовна исхрана и одмор;
  4. Проветрување на просториите;
  5. Избегнување на сите фактори (пушење, користење дрога, слаба исхрана и други) кои ја намалуваат отпорноста на организмот.

Хигиена на околината:

  • Да се намали пренаселеноста;
  • Да се подобри проветрувањето во просториите;
  • Да се создадат позитивни хигиенски навики со здравствено информирање на населението на Република Македонија.

Повеќе информации за туберколозата

Туберколозата е глобален проблем.

Затоа што:

Секоја секунда во светот некој се заразува со бактеријата која ја предизвикува туберколозата;

Севкупно, во овој момент една третина од светската популација е заразена со бактеријата која ја предизвикува туберколозата;

5 – 10% од лицата кои се заразени со ТБ бактеријата заболуваат од туберколозата во текот на нивниот живот;

Секоја година во светот од туберколоза се разболуваат околу 8,8 – 9 милиони, а 1,6 милиони умираат;

Во Македонија во 2011 година се регистрирани вкупно 362 заболени;

Едно лице заразено од туберколоза заразува 10 – 15 луѓе годишно.

Туберколоза и ХИВ/СИДА

ХИВ/СИДАта и туберколозата се блиску поврзани така што се зборува за коепидемија или за двојна епидемија.

ХИВ вирусот го напаѓа одбранбениот систем на домаќинот и ја зголемува можноста за здобивање на нова зараза, најчесто туберколоза.

Кај ХИВ позитивните лица веројатноста да заболат од туберколоза е 50 пати поголема отколку кај ХИВ негативните.

Една третина од луѓето кои живеат со ХИВ/СИДА во светот се ко-заразени со туберколоза.

Според извештајот за контрола на туберколозата на глобално ниво 1 од 4 смртни случаи од туберколоза се поврзани со ХИВ инфекцијата.

Во 2010 година забележани се околу 1,1 милиони нови случаи на заболени од туберколоза помеѓу ХИВ инфицираните лица и 0,35 милиони смртни случаи.

 

Изработено од ХОПС




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.