Прифаќањето на емоциите го подобрува психичкото здравје

Кога луѓето искусуваат непријатни емоции, најчесто имаат потешкотија истите да ги прифатат. И навистина, тешко е да се прифатат емоциите кои се болни, екстремни и некогаш застрашувачки. Сепак, прифаќањето на емоциите ја подобрува емоционалната регулација, води кон помали промени на расположението и кон поголем емоционален баланс.

Прифаќањето на емоциите го подобрува психичкото здравје

Што всушност значи да се прифатат емоциите?

Кога чувствуваме некое непријатно чувство како тага, страв или срам, најчесто нашата прва реакција е отфрлање на тоа чувство. Ние може да си кажеме на себе дека тоа е “лошо чувство“ и не сакаме да го имаме. Понатаму, може да се обидеме и да направиме нешто со цел да се ослободиме од непријатното чувство – како на пример со обид да го игнорираме, отфрлиме, или преку злоупотреба на дрога или алкохол за да се чувствуваме подобро.

Секако, никој не сака постојано да чувствува емоционална болка, но кога ги отфрламе емоциите, всушност уште повеќе ги влошуваме работите. Исто така, често емоциите се јавуваат бидејќи ни даваат значајна информација за нас или светот. Така што, отфрлањето на емоцијата не е најдобриот начин за справување со непријатните емоции.

Алтернатива на ваквиот пристап е да научиме да ги прифаќаме нашите емоционални искуства. Прифаќањето, всушност значи да им дозволиме на нашите емоции да бидат онакви какви што се, без да ги осудуваме или да се обидуваме да ги менуваме. Прифаќањето значи да престанеме да се обидуваме да ги контролираме емоциите и да научиме дека емоциите сами по себе не можат да ни наштетат (иако, начинот на кои можеби се обидуваме да се ослободиме од нив, на пример со злоупотреба на алкохол, може да ни наштети).

Прифаќањето на емоциите не е исто што и помирувањето со нив

Значајно е да се направи разлика помеѓу прифаќање и помирување. Прифаќањето не значи да се помирите со тоа постојано да се чувствувате непријатно или да страдате поради болката. Исто така не значи да „држите до“ болните емоции, или да се впуштате себе си намерно во искусување емоционална болка. Прифаќањето едноставно значи да бидеме свесни за своите емоции и да ги прифатиме такви какви што се во моментот.

Како метафора за прифаќањето, замислете се дека сте војник кој долго време војувал со своите емоции. Прифаќањето е акт на спуштање на оружјето и напуштање на борбата. Во тој случај, вие не дозволувате да бидете уништени од своите емоции (помирување), едноставно ја напуштате борбата (прифаќање).

На некој начин, прифаќањето на емоциите значи и прифаќање дека емоциите со текот на времето ќе се променат. Кога се чувствуваме среќно, ние треба да прифатиме дека таа состојба која е ќе трае извесно време, односно, нема засекогаш да се чувствуваме среќно. Исто така, и кога сме тажни, тоа е исто така релативно кратковремена состојба.

Зошто прифаќањето на емоциите е корисно?

Која е смислата на тоа да ги прифаќаме негативните емоции, и нели е полесно едноставно да се ослободиме од нив? Одговорот на ова прашање е дека не е лесно да се ослободиме од емоциите. Истражувањата велат дека е многу тешко, ако не  и невозможно да се ослободиме од емоциите.

Ние ги имаме емоциите со некоја причина, така што не би требало да се обидуваме да се ослободиме од нив целосно. Емоциите се дел од сложен систем кој ни помага да одлучиме од што треба да се тргнеме и кон што треба да се насочиме. Емоциите исто така ни помагаат да одржуваме долготрајни врски со други луѓе. Без емоциите ние постојано би правеле лоши избори. Затоа, прифаќањето на емоциите е корисно, бидејќи слушајќи ги своите емоции, ние учиме важни информации.

Како да вежбаме прифаќање на емоциите?

Не е лесно да се научи да се прифаќаат емоциите, бидејќи тие често се непријатни, а ние имаме инстинкти кои ни велат да ги одбегнуваме непријатностите. Сепак, со вежбање, може да се научи подобро да се прифаќаат емоциите. Некои од начините се : зголемување на свесноста за внатрешните и надворешните искуства и доживувања (што е од исклучително значење за прифаќањето на емоциите) , како и примена на техники за длабоко, свесно дишење.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.