Проклетството на психолозите во Македонија

Некако во последно време ми изгледа дека немаме правила во однос на платите и квалификациите во нашава земја. Наводно се стимулира младината да завршува високо образование за поголема конкуренција на пазарот на труд, поголемо знаење, повеќе искуство итн. Наидов на оглас, отворени неколку работни места за возач по нашиве министерства. Потребно образование: средно, плата: 28.000. Се разбуди револт во мене кој се обидов да го контролирам бидејќи во ред е платите да бидат високи, дај боже сите во нашава земјичка да имаат високи плати, НО доаѓаме до еден друг важен момент, а тоа е колку се деградирани и потценети психолозите кај нас?!

Проклетството на психолозите во Македонија

Веќе шест месеци сум на стаж во Бардовци, можеби заборавив да кажам на почетокот – јас сум дипломиран психолог, и знам дека ситуацијата кај нас со многу професии е критична, но јас имам увид во мојата професија, па нормално за тоа и можам да зборувам. Да се вратиме на темата, секој ден одам во Бардовци, во каква состојба е болницата не треба ни да зборувам. Често на мета се вработените како виновни за условите, но верувајте дека прават сè што е во нивна моќ за да ги одржат тие згради пред распаѓање во најдобар ред. А психологот како психодијагностичар има претерано одговорна работа да стави печат и потпис на нечија судбина и во секоја „нормална“ земја тоа е работно место е доста респектирано. Кај нас ситуацијата е малку… малку повеќе поинаква, и тоа: работат во лоши услови (врева, немање тестовен материјал, канцеларии пред распаѓање) и најважното – со душевно болни кои во најкритичните оделенија се екстремно агресивни и хостилни. Под тоа подразбирам дека може во секој момент да стане и да ја истури својата агресија врз психологот. Патем речено скоро сите психолози во Бардовци се специјалисти по клиничка психологија која после студирањето трае уште три години и чини околу 8 илјади евра. Психотерапевтски правци (семејна, гешталт, когнитивно-бихејвиорална итн.) за звање терапевт, кои траат уште 4 години и плус неколку илјади евра. Плата на психологот? – Неколку (повеќе) илјадарки помалку од горенаведениот шофер во министерство! Колку години работен стаж треба да направи психологот за да си ги врати парите дадени за надоградба?

  1. Опасност на работно место? – Да;
  2. Психички замор? – Да;
  3. Одговорност? – Да;
  4. Бенефиции и плата? – НЕ!

Колку за споредба психолозите во Канада земале околу 7 илјади долари, во Норвешка психологот во душевна болница околу 9 илјади евра, а начекав и оглас за детски психолог во Дубаи (не е душевна болница и работно место категоризирано под ризично) – 3 илјади долари. Да не зборуваме за бенефициите кои ги добиваат, да дури во некои земји во истата зграда има спа центар и (задолжително!) психологот редовно да оди на разговор кај некој од неговите колеги за да се ослободи од стресот. Постојат и закони кои велат: психолог со 10 години работен стаж во душевна болница мора да биде префрлен во некоја друга дејност (на пример, професорска). Кај нас постои закон кој вели дека психологот со државно работно место не смее да работи и приватно. И замислете, нема бенефициран стаж. Па кој е тој психолог што ќе издржи да работи 30 и кусур години во душевна болница како психодијагностичар, до неговиот 62-ри односно 64-ти роденден? Одговорот е само македонскиот психолог. Тоа значи дека неговата стресна работа треба да ја издржи како што тој знае и умее, а со платата да нема пари ни за викенд на кој би се релаксирал. Сума-сумарум: „Те тепаат, а не ти даваат да плачеш!“. Тоа е мојата чудесна земја.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.