Протестирам

Комплетната корозија на нашиот систем ја согледуваме во моментов, и гледајќи ја истата треба добро да ја запаметиме за да не дозволиме повторно да ни се случи. Затоа што веќе не знаеме да се препознаеме меѓусебе. Кој е оној кој се бори за зачувување на вредностите, или вредноста и човечноста заминаа заедно со илјадниците млади која ја напуштија државата? Останаа ли луѓе со морална чистота или останавме со мнозинство хипокрити, полтрони и едепсази? Срамот е поголем кога ќе погледнеш во очите на оној кој го нема. Се чувствуваш како тебе да ти должност да го носиш. Да носиш туѓ срам, но заедно со тежината и за оние кои го немаат. Затоа што само на тој начин ќе се задржи просекот, во спротивно ќе станеме општество во кое не остана ништо доволно вредно за да се почитува и да се пренесе на идните генерации.

Постоеше време кога луѓето се срамеа да застанат јавно на страната на неправдата и криминалот, бидејќи на тој начин ќе го загубат интегритетот. Овие луѓе биле достоинствен пример и авторитет за помладите генерации. Во моментов се соочуваме со јавно и гордо застанување на страната на криминалот, насилството и на личниот интерес. Зарем овие луѓе воопшто не се грижат за пораката која ќе ја остават на следната генерација? Или во нивната длабока старост вината ќе ја префрлаат на загадениот воздух како одговорен за истите тие млади кои израснале во бесчувствителни криминалци учејќи од нив. Време е секој да преземеме одговорност за своите постапки. Бидејќи ништо не излегува „тукутака“. Сите деца учат од своите родители и го усвојуваат она кое им е пренесено во текот на нивниот развој. А за граѓаните во една држава, модел се политичарите кои сè додека јавно се препукуваат за нивниот криминал, и не се срамат од нивното недолично однесување, не можеме да се бориме против насилството и омразата помеѓу населението.

Сите оние кои јавно застануваат во одбрана на очигледен криминал, веројатно со последни сили се обидуваат да се спасат себе и својот криминал, или пак стравуваат од поквалитетното од нив. Од оној кој ја немал шансата да дојде до заслуженото, поради тоа што му била украдена. Украдена од страна на плакатолепач, лице кое не било спремно да работи на збогатување на своето знаење и искуство, па единствено му останува агресивно и бесрамно да се бори и да поддржува криминал и насилство за да си го зачува своето незаслужено место.

Протестирам

Патриотизмот е поддршка на твојата земја во секое време, а на владата само кога ќе заслужи.

Во последно време актуелно е етикетирањето, па сите оние кои го креваат својот глас борејќи се за правда и еднаквост се предавници, платеници, хулигани и ненормални. Ќе се задржам на нормалноста бидејќи останатите се излишни за коментирање. Според дефиницијата за историскиот концепт, нормална личност е онаа која е од најголема корист за општеството, е способна да стои на сопствени нозе, воспоставува хармонични односи и меѓусебно разбирање со други личности. Според психолозите, доколку поседува добра и зрела интеграција на психичките функции. Па, сите оние кои протестираат очигледно потекнуваат од различни заедници со различни позадини, меѓутоа со меѓусебно разбирање протестираат во име на подобро општество од кое сите би имале корист.

Секојдневно слушаме дека државата се наоѓа во криза, но размислуваме ли што тоа точно значи? Што се случува кога државните институции не функционираат со полн капацитет или функционираат под нечија наредба? Што се случува кога медиумите сè помалку емитуваат едукативна програма? Што се случува кога во институциите не се вработува квалитет, туку лица кои имаат најдолг стаж во партиските штабови, кои пак се претворија во агенции за вработување, додека единствената цел на агенцијата стана прикривање на реалната бројка на невработени лица на територија на Р.М. Резултира со службеник, наставник, лекар кои несоодветно одговараат на работните задачи. Карта за еден правец по патот кон амбисот, една држава ја добива во оној момент кога ќе дозволи вработувања на некомпетентни лица во здравството. Бидејќи сè додека тоа се случува само во администрацијата, никој нема да го загуби животот… барем така велат легендите. Меѓутоа целосната негрижа кон сопствениот народ се случува во оној момент кога во болниците ќе зачекорат лица вработени по сомнителни патишта. Попусти се сите кампањи за зголемување на наталитетот, кога народот е оставен да го лечат оние кои се вработиле преку партиското биро за вработување или рамковен. Жената е претворена во машина за раѓање на која и е забрането да абортира, бидејќи мора да го надополни бројот на изгубени детски животи од негрижата на погоре споменатите.

Сè додека ја живееме слободата, не сме свесни за нејзината важност. Вистинската вредност ќе ја разбереме во оној момент кога ќе ја изгубиме.



Психолог, едукант на семејна и системска психотерапија.
Лиценциран од Комора на психолози на РМ.
Претседател и основач на Здружение Психоинтегра.
Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *