Психологот во училиштата претставен како „лош полицаец“

Колку е важна улогата на психологот во школите веројатно е малку доцна откриена, со оглед на тоа што требаше да помине долго време за да се примени законот кој вели дека во секоја инситуција, секое школо треба да има психолог. Но, колку наставниците кои работат по школите се свесни за улогата на психологот и колку самиот психолог е подготвен да ја покаже важноста на неговата работа?

Психологот претставен како „лошиот полицаец“ во училиштата

Тргнувајќи од себе додека се навраќам во моите школски денови, паметам дека психолог имав само во основното училиште, но не и во средното. Тоа доволно говори бидејќи немањето психолог во средно школо полно со адолесценти е секако алармантно, со оглед на тоа колкава помош и поддршка им е потребна на децата на таа возраст. Јас иако основното го завршив одамна,  паметам дека на часовите сите немирни и проблематични деца добиваа закани од наставниците дека доколку не се смират ќе бидат пратени кај психологот. Зборувам за заканувачко повишување на тонот кое на детето треба да му пробуди страв во коски од идењето кај психологот, а со тоа му дава погрешна претстава за тоа што би се случувало доколку отиде во неговата канцеларија. Местото на психологот во таа институција е за продлабочување на соработката на релација наставник –ученик – родител; следење на примената на активни методи во наставата ; создавање на позитивна клима во училиштето; изготвување информации, осврти, анализи и извештаи; учество и евалуација на проекти во училиштето; планирање на форми за соработка со родителите-трибини, индивидуални средби, работилници и така натаму. Сепак, начинот на кој децата треба да го доживуваат психологот е возрасен во кој може да имаат доверба, кој може да помага, да ги ислуша нивните проблеми, накратко кажано децата во него треба да гледаат пријател на кој ќе можат да му се доверат и од кој ќе побараат помош. Потребно е психологот да се претстави и како личност кај која тие ќе може да се обратат доколку нешто ги мачи, а можеби не се во состојба или не сакаат „проблемот“ да го отворат пред нивните родители. Тој треба секогаш да биде на страната на детето и да се обиде да му помогне. Од друга страна, како се претставува улогата на психологот доколку професорот со висок тон го избрка детето од час и му закани со казна која ќе ја добие од психологот? Од самиот старт имаме ситуација во која детето добива погрешни информации. Веројатно тука треба да постои некоја кратка обука за запознавање на професорите со улогата на психологот и неговата работа.

За жал работата на психологот кај нас сè уште за поголемиот дел од популацијата е табу тема и нешто нејасно, мистично, па попрво луѓето би седеле на кафе и би ги раскажувале личните проблеми на соседите, со турска серија во позадина, отколку да побараат помош од психотерапевт. Ваквиот пристап со нејасност и неинформираност не се менува преку ноќ и за тоа сите професионалци носат одреден степен на одговорност. За среќа, потребата која се чувстува за придобивките кои ги носи оваа професија – подобрувањето на квалитетот на живеењето, сè повеќе се препознава и се дава на значење. И малите доприноси од секој професионалец, за расветлување на улогата и значењето на психологот значат многу за оние кои имаат потреба од нивните услуги. А кој човек всушност не е заинтересиран за сопствениот живот, за подобрување и развој на личноста во целина…




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.