Психолошки концепт на здравјето, здравствена психологија

Корените на психолошкиот концепт на здравјето  се стари колку и свеста на човекот за поделеноста на духот и материјата. Стара е мудроста дека „духот ја подвижува материјата“ (Саркањац и Костовски, 2010). Според психолошкиот концепт на здравјето постои јасна поврзаност помеѓу психолошките фактори (страв, болка, тага, грижа, вознемиреност и други емоции, чувства) и здравствената состојба на луѓето. На тоа појдовно стојалиште на психолошкиот концепт на здравјето се надоврзува и втората темелна претпоставка дека секој поединец изградува и своја сопствена процена на здравствената состојба (Саркањац и Костовски, 2010).

Психолошки концепт на здравјето, здравствена психологија

Здравствената психологија претставува збир на едукативни, научни и професионални придонеси од психологијата во функција на промоција и зачувување на здравјето, превенција и третман на болестите, идентификување на етиолошките и дијагностичките корелати на здравјето, болестите и сродните дисфункции како и анализа и подобрување на здравествениот систем и здравствената политика (Matarazzo, 1982).

Иако нејзините почетоци можат да се најдат во областа на клиничката психологија, 4 вида на поделби биле направени уште од тоа време. Тие поделби биле: клиничка зсравствена психологија, психологија на јавно здравје, психологија на здравствена заедница и психологија на критично здравје.

Уште од нејзините зачетоци во текот на раните 80-ти здравствената психологија стана една од најшироко растечките области на клиничката психологија и најпопуларна област за истражување во постдипломските тренинг програми. Оваа супспецијалност служи како одличен пример за интегративните трендови во ова поле.

Разбирање на бихевиоралните и контекстуалните фактори

Здравствените психолози организираат разни видови на истражувања за да можат да ги идентификуваат однесувањата и искуствата кои доведуваат до здравје, и помагаат на болеста и влијаат на ефикасноста на здравствените установи. Тие исто така развивале начини на намалување на пушењето кај луѓето и подобрување на хранливоста на оброците за да се спречи болеста и да се подобри здравјето.

Еден од изворите на комплексност за мерење во здравствената психологија е широката разновидност на истражувачки теми. Тие, начелно, може да се организираат во три домени кои меѓусебно се преклопуваат (Smith, 2003, според Friedman & Cohen Silver, 2007):

1. Здравствено однесување и превенција – ја опфаќа поврзаноста помеѓу секојдневните навики и другите однесувања (на пр. начинот на исхрана, степенот на физичка активност, пушењето, (зло)употребата на алкохол) и последиците врз здравјето. Првична цел на оваа истражувачка област е утврдување на некаква општа поврзаност помеѓу потенцијално менливите однесувања и здравствените последици од нив како и посредниците во овие поврзаности (на пр. возраста, полот, етничката припадност, семејната историја на болеста…) при што може да се издвојат подгрупи кај кои бихевиоралните ризик фактори се помалку или повеќе важни.

2. Стресот и здравјето/психосоматика – овде интересот е подиректно насочен на психобиолошкото влијание врз развојот и текот на болеста. Се знае дека психолошкиот стрес, негативните емоции, одредени личносни црти и карактеристики на социјалната средина влијаат врз појавата и текот на една болест, посебно во појавата на кардиоваскуларни заболувања 5 (но не преку бихевиоралните механизми кои се од примарен интерес на првиот домен туку преку подиректни физиолошки процеси).

3. Психосоцијални аспекти на медицинските заболувања – фокусот се става на психосоцијалното влијание што физичкаѕа болест го има врз пациентите и нивните семејства. Теми од интерес се емоционалното, физичкото и социјалното функционирање (активност наспрема хендикепираност), субјективното влијание на здравствената состојба или несаканите ефекти од медицинските/хируршките интервенции (болка, сериозност на симптомите) и понекогаш степенот на користење и чинење на здравствените услуги.

Фактори во зачувувањето на здравјето

Здравствената психологија ја нагласува улогата на психолошките фактори во зачувувањето на здравјето како и причините за појава на одредена болест, нејзиниот тек и исходот од лекувањето. Целите може да се поделат во две големи групи (Ogden, 2007):

1. Разбирање, објаснување, развивање и тестирање на теории преку:

  • Евалуација на улогата на однесувањето во етиологијата на болеста
  • Предвидување на нездрави облици на однесување
  • Евалуација на интеракцијата помеѓу психологијата и физиологијата
  • Разбирање на улогата на психологијата во доживување на болеста
  • Евалуирање на улогата на психологијата во лекувањето на болеста.

2. Имплементација на теориите во праксата преку:

  • Промовирање здрави облици на однесување
  • Превенирање на болестите

Теми и области од теориски и практичен интерес

Огромен е спектарот на теми кои ги изучува здравствената психологија. Еве само дел од нив:

  • Однос пациент – доктор
  • Психолошка (психоедукативна) подготовка пред медицински – хируршки интервенции
  • Психолошки аспекти на болка
  • Психологија на хроничните заболувања
  • Унапредување на здравјето
  • Здравјето и безбедноста
  • (Зло)употреба на психотропни супстанци
  • Здравје, стрес и справување
  • Личноста и здравјето
  • Психологија на стареењето и здравјето

Клучни прашања и одговори

Огден (2007) ги издвојува следниве неколку клучни прашања кои концепциски ја дефинираат здравствената психологија:

Што ја причинува болеста? Според концептот на здравствената психологија, човекот треба да се разгледува како сложен систем. Болеста ја причинуваат мноштво фактори, а не еден единствен. Со ова, здравствената психологија се обидува да го надмине едноставниот линеарен модел за здравјето и го застапува гледиштето дека болеста може да биде причинета од комбинација на биолошки (на пр. вирус), психолошки (на пр. однесување, уверувања) и социјални (на пр. невработеност) фактори. Ова всушност претставува т.н биопсихосоцијален модел на здравјето и болеста постулиран од американскиот психијатар Џорџ Енгел.

Кој е одговорен за болеста? Бидејќи болеста се смета како резултат на комбинација од повеќе фактори, болниот не се гледа повеќе како пасивна жртва туку ако се увиди дека тој со своето однесување придонел за појава на болеста тогаш дел од одговорноста му припаѓа и нему.

Како треба да се лекува болеста? Со оглед на тоа што пристапот е интергативен, не се лекува само физичкото заболување туку за текот и исходот од третманот, делумно одговорен е и пациентот. Ова може да значи одговорност за редовно земање на лековите, менување на однесувањето и ставовите, придржување до лекарските совети и тн.

Каква е поврзаноста помеѓу здравјето и болеста? Здравјето и болеста не се квалитативно различни туку опстојуваат на еден континуум. Наместо да се гледа на состојбата црно-бело – или е пациентот здрав или е болен, се застапува динамичен пристап на движење низ континуумот или кон здравјето или кон болеста.

Каква е поврзаноста помеѓу умот и телото? Научната мисла од дваесетиот век беше предизвик за традиционалниот поглед на подвоеност помеѓу умот и телото застапуван од дуалистичкиот модел за здравјето и болеста ставајќи се’ поголем фокус на интеракцијата помеѓу умот и телото. Овој пресврт се одрази со развој на холистичи, целовит пристап кон здравјето. Иако ова претставува напуштање на традиционалниот биомедицински модел, со самото тоа што и понатаму се употребуваат двата поима одделно – ум / тело – сеуште се чувствува нивната поделеност во категории кои меѓусебно тесно комуницираат.

Која е улогата на психологијата во здравјето и болеста? Здравствената психологија, психолошките аспекти не ги смета само како последици од физичката болест туку и како нејзини можни причинители. Здравствените психолози согледуваат и директна и индиректна поврзаност помеѓу психологијата и здравјето.

Примени во праксата

Се проценува дека 50% од сите смртни случаи се предизвикани од фактори во начинот на живеење (животниот стил) како што се пушењето, претераното пиење алкохол, јадење масна храна, невежбање и одбивањето да се носат заштитни појаси при возење. Понатаму, над 15% од бруто домашниот производ се посветува на здравствената грижа (Plante, 2005).

Здравствените психолози им помагаат на здравите луѓе да останат здрави и им помaгаат на луѓето со некакво заболување или ризик фактори, поефикасно да се справуваат со нивните симптоми. Здравствените психолози работат во насока да им помагаат на другите луѓе да развиваат здрав начин на живот што, за чудо, може да биде тешка задача. На пример, околу 95% од оние кои ја намалиле телесната тежина, се со тенденција повторно да ја вратат сета изкубена килажа за пет години. Над 50% од оние кои започнуваат некаков програм на физички вежби, го прекинуваат за шест месеци. Околу 4 милиони луѓе умираат во САД како последица на пушење тутун. Здравствените психолози работат индивидуално и групно со цел да ги максимизираат обрасците на однесување кои го подобруваат здравјето (на пр. вежбање, внес на нискомасна храна, престанок со пушењето) или да го минимизираат однесувањето кое му штети на здравјето (на пр. пушење, стрес, пиење алкохол). Здравствените психолози помагаат и во третманот на хронична болка, паничните растројства и мигренозните главоболки и други физички состојби со биопсихосоцијални карактеристики (Plante, 2005).

Здравствените психолози често имаат тренинг во клиничката психологија, советодавната (counseling) психологија, социјалната психологија или детската здравствена психологија, но специјализираат и за проблеми и интервенции поврзани со здравјето. Здравствените психолози вообичаено работат во болнички установи, иако, многу од нив работат во академски, бизнис и амбулантски клинички установи. Здравствените психолози честопати применуваат специјализирани техники како што се биофидбек, хипноза, релаксативен тренинг и стратегии за себе-менаџирање заедно со психотерапијата во текот на севкупниот третман (Plante, 2005).




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.