Психолошки норми и психопатологии

Психопатологијата се занимава со проучување на различни видови на душевни пореметувања. Таа го изучува ненормалното или абнормално однесување. Иако ние често проценуваме дали некоја личност е нормална или не е, треба да се каже дека мошне тешко е да се повлече остра граница помеѓу нормалното и ненормалното однесување.

Во различни општества постојат разлики во однос на сфаќањето за овие поими. Во главно, се користат две мерила за разликување на овие однесувања: отстапувањето од облиците на однесување кои ги сретнуваме кај поголем број од жителите на едно општество и присуството односно отсуството на одредени особини. Потешко е прифатливо гледиштето дека некое однесување не е нормално и штетно поради тоа што не е присутно кај поголемиот број луѓе и не е толку вообичаено и често, за разлика од гледиштето според кое поповолен начин за разликување на овие однесувања е постоењето или непостоењето на одредени особини.

Психолошки норми и психопатологии

Често се наведува дека нормалната личност ја карактеризира интелектуална, социјална и емоционална зрелост. Под интелектуална зрелост се подразбира правилно оценување на својата средина и на самиот себе, критичност во расудувањето и релативна самостојност во донесувањето одлуки. Под социјална зрелост се подразбира постоење на интерес за општествените проблеми, способност за соработка со другите, толерантност во однос и склад помеѓу личните и општествените интереси. Најважна е емоционалната зрелост која најчесто се огледа во следните карактеристики: реалистичност во оценувањето на своите способности и можности, способност да се воспостават со другите соодветни емоционални односи, да се сакаат другите, отсусутво на претерана агресивност и анксиозност, желба и волја за живот и настојување да се остварат одредени општествено прифатливи цели и вредности.

Секој човек во текот на животот наидува на тешкотии при решавањето на проблемите и притоа доживува неуспеси кои го обесхрабруваат и реагира на одреден неповолен начин. Сите овие ситуации предизвикуваат психички тешкотии или психички пореметувања. Психичките тешкотии се повремени, а се карактеризираат со несигурност, неодлучност и нерасположение и поединецот може да ги совлада сам или со помош на другите. За пореметувања се говори кога поединецот за подолго време или трајно покажува однесување кое не се смета за нормално.

Според степенот на пореметеноста и по карактеристичните начини на однесување постојат две (три) групи на ментални пореметувања:

  • Лесни душевни пореметувања кои се нарекуваат неврози (психоневрози), чии главни карактеристики се: неодреден страв, анксиозност, намален праг на толеранција, систематско користење на одбрамбени механизми, чувство на несреќност, несигурност. Најчесто како причини за неуроза се наведуваат неуспехот на поединецот да задоволи некои за него силни мотиви и цели, или неуспехот да се ослободи од конфликтни ситуации во кои западнал.
  • Тешки душевни пореметувања кои се нарекуваат психози (или душевни болести). Се делат на органски психози и функционални психози (шизофренија и манијакално-депресивно душевно оболување). Органските психози настануваат како резултат на органски промени или пореметувања во мозокот или нервниот систем. Може да бидат резултат на одредени болести како сифилис, повреди на мозокот, хемиски труења (тежок алкохолизам). Функционалните психози во голем број случаи се јавуваат како последица на неможноста поединецот да се снајде во одредени животни ситуации, да реши конфликити кои се остри и тешки за него. Шизофренијата е најчесто душевно оболување кое е најтешко за лечење, а се карактеризира со различни форми на ненормално однесување, со заеднички карактеристики на пореметен контакт со стварноста и одвојување од стварноста, јавување на реакции и постапки кои не се во склад со ситуацијата на која се реагира, опаѓање на менталните способности, често јавување на халуцинации (доживување на чувства и реакции за кои нема дразби) и делузија (идеи, мисли и оцени во спротивност со фактичките). За манијакалното – депресивно оболување карактеристични се промени и пореметувања во емоционалното однесување. Се јавуваат два вида: манијакална и депресивна состојба или меланхолија. За манијакалната состојба карактеристична е интензивна раздразливост, а за депресивната состојба карактеристични се интензивна потиштеност, чувство на безвредност и вина и намалена активност, често проследена со идеи за самоубиство. Постојат облици на овие видови оболувања кај кои наизменично се јавуваат двете состојби.
  • Додека како трет вид пореметување се психопатиите (карактерни пореметувања). Со тој израз се опфаќаат различните видови пореметувања на однесувањето како: алкохолизам, наркоманија, разни видови на сексуална настраност. За нив карактеристични се импулсивни постапки (настојување за непосредно задоволување на  сопствените желби на психопатската личност), неосетливост кон другите, непочитување на моралните принципи и општествените правила, нивно кршење заради задоволување на сопствените импулси, непостоење на чувство на одговорност, каење и вина.

Психолошки норми и психопатологии

Психопаталогијата покрај запознавањето со основните поими од областа на психопатологијата, поединечните клинички слики на психички пореметувања и болести, треба да ги оспособи студентите за препознавање на психички здрава, пореметена и болна личност, како и за теоретски сознанија за спроведување на примарна, секундарна и терцијална превенција во психијатријата и делумно спроведување на тие сознанија во пракса.

Покрај овие сознанија таа нуди разработка на процесот на дијагностицирање во психијатријата (анамнеза, хетероанамнеза, интервју, набљудување, помошните дијагностички методи и сл). Посебно е потребно проучување на етиолошките фактори во психичките болести и пореметувања (билошки, психолошки, социјални). Исто така големо значење има распознавањето на душевно болни и душевно здрави (нормални, абнормални). Познавањето на психичките болести-функционалните психози, неврози, пореметувањата на личноста, граничните случаи, болестите на зависност, епилепсија, душевна заостанатост, психичкиот развој на детето, пореметувањата на однесувањето на децата и адолесцентите имаат големо значење во психолошкото консултирање.

 

Извадок од: Психолошко консултирање во училиштата – Ѓорѓина Ќимова



Психолог, едукант на семејна и системска психотерапија.
Лиценциран од Комора на психолози на РМ.
Претседател и основач на Здружение Психоинтегра.
Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *