Разбирање и справување со Тантруми кај деца

Тантрумите се нагли емоционални изливи на бес, пропратени со однесувања како плачење, врескање, неприфаќање за смирување, фрлање предмети, некогаш дури и клоцања и удирања, кои се најчесто краткотрајни, по што следи повторна стабилизација, пренасочување на вниманието и вклучување во други активности.

Детето за време на тантрумот е преплавено од фрустрација, чувства на лутина и бес кои се рефлектираат во однесувањето, а контролата над своите реакции изостанува. Колку и да се непријатни за децата и родителите (за многу родители претставуваат едни од најголемите предизвици во родителството специфично за раниот детски развој), до извесна мера, тие се очекувани како дел од развојот на децата – и кај момчињата и кај девојчињата, на возраст од 1 до 3 години.

Тантруми кај деца: Разбирање и Справување

Во овој период од развојот детето го усвојува говорот и учи да комуницира. Тоа сè уште не знае како да искомуницира за своите потреби – што сака и чувствува, така што фрустрирачките искуства може да доведуваат до вакви реакции, со цел да го добие тоа што го сака и му е потребно. Како што детето стекнува говорни и комуникациски вештини, тантрумите имаат тенденција да се намалуваат.

Кога најчесто се случуваат?

Во однос на фрекфенциите на тантрумите, битно влијание има темпераментот на детето – одредувајќи ја неговата емоционална реакција кога е фрустрирано. Најчето се јавуваат кога детето е уморно, гладно, чувствува неудобност, или бидејќи не може да добие нешто што сака (на пример некој предмет или внимането од родителот). Толерантноста на фрустрација е вештина која детето ја учи со текот на времето.

Начини на справување

Родителските реакции на ваквото детско однеување, посебно ако се случуваат на јавно место, се проследени со чувство на срам, нервоза, лутина, вина, па дури и агресивни реакции кон детето. Првото нешто што треба да го направиме за да се справиме со ваквите детски реакции е да ги разбереме… Ова не секогаш е едноставно бидејќи може да бидат предизвикани од различни причини: страв, фрустрација, глад, недостаток на внимание, сензорна преплавеност итн.

Првиот чекор е откривање кој е тригерот за ваквата реакција. Тоа се прави со т.н. функционална процена –  набљудување на ситуациите во секојдневниот живот кои водат до појава на тантрум. Ова значи да се разгледа што се случува непосредно пред, за време и по тантрумот, што може да биде поврзано со негово повторување. Во видеото објаснето што се случува за време на тантрумот и како родителот да се справи со ваквата ситуација зависно од видот на тантрумот.

Иако појавата на вакви реакции во раниот детски развој се очекувани и нормални, доколку истите се многу зачестени и интензивни, потребно е да направи консултација со стручно лице за развојот на ментално здравје на вашето дете, заради можноста за постоење извесно нарушување.

Знаци и критериуми за тантруми како индикации за нарушувања во менталното здравје (истражени и изнесени од страна на Др. Andy C. Belden и колегите, од Washington University):

  • Агресивни напади кон негувателите или кон предмети: Доколку ова се случува повеќе од половина време во последните десет до дваесет тантруми, можно е да сигнализира некакво нарушување. Не е невообичаено за децата понекогаш да ги удрат своите родители кога нема да им купат играчка или слично, но доколку ова се случува во најголем дел од времето и потребно е да се заштитат себеси за време на тантрум, може да значи поголем проблем.
  • Самоповреување: За децата со депресивно и/или бихевиорални нарушувања голема е веројатноста да се касаат, гребат, кинат коса, удираат во ѕид или да клоцаат предмети за да си ги повредат стапалата.
  • Фреквентни тантруми: Децата од претшколска возраст кои имаат десет до дваесет тантруми дома, или кои имаат повеќе од пет тантруми дневно, неколку дена по ред на јавни места, имаат викок ризик од посериозни психички проблеми.
  • Долготрајни тантруми: Пет минутен тантрум за родителите може да им се чини дека трае цела вечност, но тантрумите кои траат повеќе од дваесет и пет минути може да имаат подлога за подлабок проблем. Дете без нарушувања во развојот може да има тантрум кој трае и еден час, но затоа следниот би траел триесетина секунди (природна регресија). Децата со нарушувања во развојот често имаат тантруми кои траат дваесет и пет минути и подолго во најголем дел од случаите.
  • Неспособност за смирување по тантрумот: Децата кои имаат некакво нарушување во менталното здравје, скоро секогаш имаат потреба од надворешен фактор за да ги смири. Морате постојано да ги отстранувате од ситуацијата или пренасочувате кон нешто друго, или во спротивно нема самите да прекинат со емоционалните изливи.

Доколку забележите вакви зачестени и поинтензивни однесувања и рекации кај вашето дете, она што треба да направите е да побарате стручна помош од професионалец за ментално здравје кој ќе ви помогне да се детектира евентуален проблем, како да понуди соодветен третман за истиот.



Психолог, Интегративен и Гешталт советник.
Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“.
Области на интерес и делување: Психолошко советување, Психотерапија и Човечки ресурси.
Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење.
Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *