Размислете два пати пред да претерате со позитивното размислување

Целта на овој текст не е да ги потцени и отфрли тенденциите и напорите на луѓето да размислуват и да се чувствуваат посреќно, бидејќи среќата е несомнено една од клучните водечки мотиви за луѓето. Туку, да разгледа и осветли некои нус појави и заблуди од целото модерно лудило за „трчањето“ по среќата, како и дел од техниките кои се нудат. Кои се парадоксалните ефекти од истото, зошто тие се случуваат, како и да понуди поздрави и поефикасни начини за доаѓање до успехот (кој секако е релативен и личен, но темата за тоа што всушност претставува „успехот“ нема да биде подетално обработена тука).

Според новите истражувања, фантазирањето за позитивни работи прави да се чувствувате подобро во моментот, но подоцна може да направи да се чувствувате полошо.

Размислете два пати пред да претерате со позитивното размислување

Истражувањата покажуваат дека колку повеќе луѓето фантазираат за својата светла иднина, толку повеќе имаат депресивни симптоми седум месеци подоцна.

Професорот Gabriele Oettengen, кој го водел истражувањето вели:

„Нашите наоди укажуваат на тоа дека колку што се попријатни и корисни позитивните фантазии во моментот на депресивното расположение, толку може да бидат попроблематични и неефикасни со текот на времето. Причината за опасноста од позитивното размислување како техника за самопомош, може да лежи во недостатокот од вложување напор.“

Луѓето кои фантазираат за иднината имаат тенденција да вложат помалку напор. Така, позитивното размислување на некој начин добило улога на компензатор за реалната промена во однос на посакуваната иднина. Но, компензаторот вистински не ја задоволува потребата, така што со време таа станува уште посилна, а со тоа и незадоволството поголемо.

Размислете два пати пред да претерате со позитивното размислување

Проблемот со позитивните фантазии е што ни овозможуваат да го предвидиме (доживееме) успехот овде и сега. Сепак, тие не ги опфаќаат проблемите и предизвиците со кои неминовно ќе се сретнеме на патот до успехот и може да ни ја намалат мотивацијата – поради чувството како веќе да сме ја постигнале целта. Затоа, некои психолози велат дека позитивните очекувања (во форма на поставени цели) се поефикасни и поздрави за функционирањето на личноста: „Очекувате да поминете добро на испитот, бидејќи добро поминавте на претходниот, очекувате да сретнете друг партнер како што сте го сретнале и претходниот, итн.“ Во однос на очекувањата кои водат до успех, претходните истражувања докажуваат дека:

„Позитивните очекувања се поврзани со успехот. Луѓето кои имале позитивни очекувања дека ќе најдат партнер, ќе заздрават побрзо по операција, имале подобри позитивни исходи од оние луѓе кои имале негативни очекувања“.

Girl drawing smiley face on to a wall

Авторите на новото истражување велат:

„Модерната ера е обележана со притисок за постојано позитивно размислување, а пазарот за самопомош кое повикува на вакво позитивно размислување е индустрија од 9,6 милијарди која продолжува да расте. Психолошките сознанија ги креваат прашањата за тоа колку скапо овој пазар може да ги чини луѓето за долгорочната добросостојба на луѓето и за општеството како целина.“

Она што е битно е дека позитивното размислување не е негативно само по себе (поради парадоксалниот ефект), туку е проблематично тогаш кога се користи како замена за дејствување (празна фантазија) или кога претставува неосновано верување. Позитивното размислување треба да биде поттик за дејствување, почетна точка, а не цел, замена за дејствувањата. Во спротивно, позитивните размислувања како бумеранг се враќаат со негативен ефект (не дошло до никакви промени бидејќи не се вклучила акција и разочарувањата од состојбата стануваат уште поголеми). Освен тоа, доколку позитивното размислување го креираме за да си помогнеме (во нешто да се убедиме), но е спротивно од она во што вистински веруваме (дури ако тоа верување е искривено), повторно се јавува парадоксалниот ефект. На пример, ако сакаме да ја подобриме сликата за себе, пожелно е да го насочиме вниманието кон карактеристиките кои вистински ги цениме во нас и знаеме дека ги имаме, отколку да се убедуваме дека сме вакви или такви – за што сме свесни дека не соодвествува на реалонста.

Накратко, празните фантазии (и оние најпозитивните и добронамерните) се пречка за успехот, но очекувањата, насочената верба и вложениот труд се она што ве води до успехот!

Звучи многу јасно и природно, но на животниот пат, за жал, многумина од нас се вплеткуваат во парадоксот со „позитивното размислување“ наспроти очекувањата, вербата и трудот.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *