Семејството се планира

Во последно време сме сведоци на реклами за семејство, трето дете, забрани за абортус и колку тоа ние сме поблиску до Бога со секое новородено бебе. И тоа е супер, но не треба да заборавиме дека живееме во материјализирано општество во кое сме под постојан стрес, а примањата на поголемиот дел од нашата популација се ниски. Секако дека детето кое ќе се роди заслужува да има пристоен живот, да му се овозможи школување, социјален живот, да биде еднакво со неговите врсници, накратко кажано, пристојни услови за живот кои се во границите на минималното. А колкав број од родителите успеваат или би успеале да им го овозможат тоа на своите деца? Секако дека оние родители кои имаат услови, треба да го зголемат семејството доколку сакаат, но останатите тоа треба добро да го размислат пред да донесат нов живот на овој свет. Зарем треба едно дете да се роди непланирано и да го сноси целиот гнев и стрес со кој ќе се соочуваат неговите родители за време на неговото растење? Невработеност, алкохолизам, семејно насилство резултира со дете кое ќе порасне во „зрел“ човек со растројство на личноста. Сакаме младина по секоја цена? Имаме друг пример, жена која не би сакала да стане мајка да биде спречена да абортира? Дури и да го роди детето (непосакувано), да реши да го задржи и да биде самохрана мајка со тоа се уништуваат нејзините планови за иднината. Сите мечти за успешна кариера, време за себе итн. Дали таа ќе го сака целосно нејзиното дете и ќе му се посвети или во себе ќе гае каење и незаинтересираност? Тоа нема да го дознаеме.

семејството се планира

Но моето мислење е дека детето не треба да биде родено по секоја цена па да биде оставено да фигурира како бројка. Дефинитивно не заслужува такво нешто. Сега би се префрлил на еден друг важен, односно најважен момент, а тоа е воспитанието. Да бидеме реални, не секој возрасен човек е доволно зрел да биде родител и ниеден закон не би требало да го условува да создаде семејство. Се сеќавам додека јас растев колку таа генерација на млади родители се трудеа да нè научат на пристојно однесување, да бидеме љубезни и културни деца. А економската ситуација не беше којзнае колку подобра но згора на сè бевме весели, а нели тоа е обврската на едно дете, да има весело и безгрижно детство. Денес ситуацијата е поинаква. Не знам дали се работи за недостаток на време кај новите родители или хостилно општесто исполнето со насилство и политика во кое растат децата, или пак двете, но често при излегување наидувам на некултурни, невоспитани и што е најлошо од сè, деца полни со омраза. И се чудам од каде излегуваат сите тие непријатни чувства собрани во едно мало дете. Желба за насилство, вулгарно дофрлање и сè повеќе малолетничка деликвенција која се јавува кај сè помлади деца. Епа тука нешто не оди според „планот“. Според мене подобро е да се направат кампањи, работилници, проекти односно план за работа во училиштата кој ќе се погрижи и ќе посвети внимание на веќе родените деца кои некако скршнуваат од правиот пат. Едноставно кажано, да го зачуваме тоа што веќе го имаме.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.