Што нè прави повеќе среќни?

Дали среќата може да се купи со пари? Ајде да видиме – општествено прифатливиот став вели дека ваквото нешто е невозможно, додека пак секојдневието испишува една поинаква мантра. Трошејќи на материјални добра, услуги и искуства, секој од нас забележува промена во своето расположение. Среќата, по се изгледа, сакале ние да признаеме или не, доаѓа спакувана со секој нов продукт.

Постои ли тогаш, разлика во изборот при секое купување, која може да влијае врз количеството на среќа? Има ли начин да ги промениме нашите навики во вркса со шопингот, за да се чувствуваме барем малку посреќни при секое повлекување со кредитната картичка?

Неколку студи го наговестуваат одговорот на ова прашање.

Што не прави повеќе среќни?

Издадено во 2003та година, Да се прави или пак да се има? Тоа е прашањето ги истражува разликите при купување на материјални добра и искуства. Ова истражување, направено од Томас Гиловиќ и Лив Ван Бовен, а објавено во списанието за Личност и Социјална Психологија, прави споредба помеѓу нивото на среќа кое го искусуваме како резултат на купување материјални добра, и она кое го искусуваме како резултат на инвестирање во искуства.

Во него, Ван Бовен, кој е професор по психологија при универзитетот во Колорадо, доаѓа до заклучок дека луѓето кои се обидуваат да се сетат на своите парични расходи во позитивен контекст, поминуваат повеќе време мислејќи на искуствата отколку на материјалните добра (дури 83%).

Во заклучокот на истражувањето, Гиловиќ и Ван Бовен велат дека купувањето искуства (како што се патувања, концерти и разни други настани, спортски активности и одење во кино…) не прави далеку повеќе среќни отколку купување на материјални добра.

Но зашто е ова така?

Причината поради која искуствата не прават посреќни

Иако одговорот на ова прашање го знаеме интуитивно, Ван Бовен, всушност, наведува три причини.

Искуствата се отпорни на споредба

Додека материјалните добра се лесни за споредување, говорејќи за искуства не можеме да најдеме соодветни критериуми кои се директно споредливи.

Едно истражување од 1998та година, спроведено од страна на Солник и Хеменвеј, вели дека луѓето би биле посреќни заработуваајќи 50,000 долари годишно додека сите други заработуваат 25,000 – наместо да заработуваат дупло повеќе додека сите други имаат поголема заработка од нив (100,000 наспроти 200,000).

Со други зборови, не станува збор за тоа колку заработуваме, туку колку заработуваме во споредба со други. Споредбата, тогаш, а не самата сума, го диктира начинот на кој гледаме врз нашата заработка.

Слична шема се применува врз гледиштата кон материјалните добра кои ги поседуваме. Колата е лесно споредлива, новиот телевизор исто така…

Спротивно од ова, секое кампување е различно, секој одмор уникатен.

Искуствата се подобруваат со тек на време

Материјалните добра водат кон краткорочна сатисфакција. После извесно време, нивото на среќа се враќа онаму каде што било пред купувањето, а задоволството, веднаш, се бара на наредната тезга.

Искуствата, од друга страна, нудат мемориски капитал. Причината за ова, е најверојатно можноста да се размислува за нив на апстрактен начин. Ги паметиме чувствата на среќа, топлина, радост, иако не можеме точно да се присетиме на секојдневните активности.

Можноста постои (и најверојатно е така), дека ни било досадно од време на време, но се чини дека не можеме да се сетиме на тие моменти.

За колата, телевизорот и јакната не размислуваме на апстрактен начин – искуствата се тие кои најчесто имаат симболично значење.

Искуствата носат социјална вредност

Секое искуство кое го купуваме најчесто инволвира и други луѓе. Одењето во кино, во ресторан, на партија тенис, патување во странство… вклучувајќи други личности, искуствата ни помагаат при создавање на позначајни релации, како и запознавање на нови луѓе.

Исто така, тие полесно се споделуваат. Да зборуваме за искуства е далеку повеќе прифатливо отколку да зборуваме за материјални добра. Општеството го смета првото за сосема нормално, додека пак на второто често се гледа како на фалење.

Искуството на прво место

Како што може да се види, вложувањето во искуства е далеку поисплатливо доколку на овој начин трчаме по среќата. Но, постои и поинаков пристап.

Имено, станува збор за купување на предмети кои самите по себе се дизајнирани на тој начин за да ни овозможат искуства. Материјални добра, кои во својата основа претставуваат алатки за исполнување на други активности.

Помислете само на велосипедот, на чизмите за планинарење, на дигиталниот фотоапарат кој може да ни пружи едно ново хоби…

Секое искуство е драгоцено, а особено оние кои не ставаат во контакт со други луѓе, се интересни за споделување, не тераат да излеземе надвор од домот, и особено во природа.

Па така, можеби, фитнес опрема или еден обичен фитнес мерач би допринеле кон поголемо чувство на среќа, споредено со купувањето на дури десет пати поскап предмет.

Купувајте предмети кои поттикнуваат искуства, и расположението несомнено ќе расте.

Од индивидуата кон општеството

Кога станува збор за купувањето среќа, индивидуите не се единствените кои треба да размилсуваат во врска со ова прашање. Носителите на општествени политики, исто така би требало да ги земат ваквите истражувања во предвид. Па така, Гиловиќ вели:

“Ако направите општини со повеќе паркови, велосипедски стази, шеталишта… инфраструктура која овозможува повеќе искуства и која ги   олеснува истите, несомнено ќе имате посреќно население”

Во тој случај, многу од искуствата кои во спротивно би претставувале трошок, нема да бидат почувствувани како такви.

Позитивно исчекување

Моментот на купување, меѓутоа, не се сведува на самата размена на добра. Внимателно анализиран, тој се состои од три различни етапи:

  • Периодот пред купувањето, каде мислиме за него и го исчекуваме
  • Самата размена, односно купувањето
  • Периодот после купувањето, кога го уживаме истото

Периотод после самото купување носи голема промена во степенот на среќа, но најчесто трае кратко, при што среќата се враќа на истото ниво од претходно.

Самиот момент на купување, со тек на време е се повеќе препознаен од страна на дизајн тимовите како уникатна можност за предизвикување задоволство кај купувачот, па така, на самиот процес му следи огромна посветеност. Најверојатно секој од нас знае за уникатната промена која компанијата Apple ја прави во однос на своите продавници, каде Џонатан Ив заедно со Стив Џобс комплетно ги редизајнираат изгледот и услугата. Корпоративниот свет го зема овој сигнал, и се прилагодува соодветно.

Па така, хедонистичките разлики, се до неодамна, се мереле за време на, како и после моментот на купување. Малку, меѓутоа, било познато за моментот на исчекување.

Томас Гиловиќ, после повеќе од една декада од своето оригинално истражување, учествува во нова студија која се занимава токму со моментот на антиципација.

Таму, како и кај првото, резултатите укажуваат дека луѓето се посреќни кога чекаат да купат искуство наспроти материјални добра. Купувајќи авионски карти, тие се повозбудени отколку чекајќи во редица за новиот телефон.

Истражувањето е со наслов Чекајќи за Мерлот – исчекување при купување на искуства и материјални добра, и е едно од ретките кои го истражуваат феноменот на исчекување пред хедонистички разлики во однос на купувањето.

Многу луѓе минуваат часови правејќи онлајн споредби пред да се одлучат за нешто, при што процесот на купување значително се зголемува а со тоа и нивната промена во однос на среќа. Мечтаејќи за купувањето, исчекувајќи го, расположението значително се менува.

Од неодамна, оваа навика стана почеста и при купувањето искуства. Па така, ќе забележите долги рецензии напишани за туристички дестинации, филмови, театарски претстави, ресторани…

Како вие му пристапувате на ова прашање? Дали повеќе пазарите искуства, или пак материјални добра? Сте забележале ли некаква разлика, и дали имате навика да истражувате пред секое купување?




Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *