Што е агорафобија и како се манифестира?

Агорафобијата се карактеризира со интензивен фобичен страв од отворен простор и сè она што е поврзано со него (присуство во навалици, јавни места, патување без придружник…). Самиот термин потекнува од грчките зборови „agora“ (плоштад) и „phobos“ (страв) и до пред извесно време под тој термин се подразбирало страв од поминување на плоштади и отворени места, додека денес агорафобијата во својата психопатологија се сфаќа многу пошироко.

Што е агорафобија и како се манифестира?

И покрај тоа што степенот на фобичниот страв може да биде различен, тоа е тивко растројство кое најмногу го онеспособува субјектот во нормалните професионални и социјални релации, бидејќи оној кој страда од агорафобични стравови се брани со неизлегување од својот дом. Стравот скоро секогаш има димензии на паника и е пропратен со бројни вегетативни феномени. Можни се и суперпозиции (или комбинации) со некои облици од социјалните фобии или со депресивните растројства. Најчесто се јавува помеѓу 20-тата и 30-тата годишна возраст и тоа многу почесто кај женскиот пол. Во однос на присуството/отсуството на панични растројства, агорафобијата може да се подели на агорафобија со или без панично растројство.

Растројството најчесто почнува меѓу 18-тата и 30-тата година, иако симптомите можат да бидат манифестирани и претходно преку низа на карактеристични особини, како што се пречувствителност, плашливост, ноќно мокрење, ноќни стравови, страви и слично. Фобичниот страв најчесто се јавува постепено, со неодредени невротски симптоми, за после одредено време да развие флоридна клиничка симптоматологија. Многу често како провокативен фактор е некоја конфликтна случка или ситуација.

Кај оние кои страдаат од ова растројство, доминира агорафобичниот страв и настапи на паника кои се појавуваат секогаш кога субјектот имагинативно или реално ќе се доведе до фобичната ситуација. Како резултат од стравот од можен паничен напад, субјектот ги избегнува сите ситуации кои би можеле да го предизвикаат стравот и паниката.

 

Извадок од Психопатологија – Георги Чадловски




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *