Што е гранично растројство?

Граничното растројство е едно од многуте растројства на личноста, опишано во литературата која ја користат клиничките психолози. Она што главно го означува граничното нарушување е шема на однесување на нестабилност во меѓучовечките односи, сликата за себе и емоциите. Луѓето со гранично нарушување вообичаено се импулсивни и често пројавуваат самодеструктивно однесување (ризично сексуално однесување, злоупотреба на супстанци, сечење и обиди за самоубиство).

Што е гранично растројство?

Порано се сметало дека луѓето со гранично растројство на личноста се наоѓаат некаде помеѓу:

  • Невроза, каде личноста страда од психичко нарушување, но сепак може да ја направи разликата меѓу личната перцепција и реалноста; и
  • Психоза, каде личноста не е способна да направи разлика меѓу нејзината перцепција и реалноста, и може да доживува делузии и халуцинации.

Денеска се знае дека ваквата определба не е прецизна. Граничното растројство најдобро се разбира како нарушување на емоционалното и интерперсоналното функцинирање (итеракцијата на личноста со другите луѓе).

Симптоми на гранично растројство

За да се дијагностицира гранично растројство, потребно е да се има барем пет или повеќе од овие симптоми (секако, дијагностицирањето го изврши стручно лице) кои имаат значајно влијание врз личноста и го нарушуваат нејзиното секојдневното функционирање.

  • Промена на емоциите (на пример, чувство на самодоверба во еден ден и чувство на недостаток на самодоверба другиот ден), со чувства на празнина и често чувство бес.
  • Потешкотија при воспоставување долготрајни врски.
  • Нестабилно чувство за идентитет, како и менување на размислувањето за себе зависно од луѓето околу себе.
  • Преземање ризици без да се размислува на последиците.
  • Пристапување кон или размислување за самоповредување (на пример, сечење на телото или претерана конзумација).
  • Страв од осаменост или одбивање.
  • Верување во нешта кои не се реални (т.н. делузии) или слушање и гледање нешта кои всушност не се тука (т.н. халуцинации).

Личноста која страда од ова нарушување, поголема е веројатноста да се соочува и со други психички потешкотии како депресија, анксиозност, нарушувања во исхраната или злоупотреба на супстанци (дрога, алкохол).

Колку е зачестена појавата на граничното растројство?

Се смета дека помеѓу 2 и 5 % од општата популација е зафатена од ова нарушување во некој период од животот. Се проценува дека три четвртини од лицата кои страдаат од се жени. Најчесто се дијагностицира во раниот возраснен период.

Кои чувства и искуства ги делат лицата со гранично растројство?

Најчесто оние кои страдаат од гранично растројство имаат зад себе низа на нестабилни и интензивни врски или имаат потреба да остануваат и заглавуваат долго во неисполнувачки врски. Зад ваквото однесување најчесто стои несигурност, осаменост и недостаток на самодоверба. Карактеристично за овие личности е слабата слика за себе, чувството на неприпадност и честите и нагли промена во мислите и чувствата. Затоа и најчесто тешко воспоставуваат социјални релации. Многу од луѓето со гранично растројство имаат длабоко чувство на празнина. Исто така, специфично е и чувството на искушение за самоповереда доколку непријатните чувства станат интензивно болни, поради што тешко се справуваат со нив и тешко ги изразуваат.

Што го предизвикува граничното растројство?

Причините за граничното растрајство не се во целост јасни. Се претпоставува дека станува збор на комбинација од биолошки и стекнати фактори. Најголемиот дел од истражувачите сметаат дека граничното растројство се развива како резултат на повеќе фактори вклучувајќи ги и темпераментот на личноста и искуствата во текот на детството и адолесценцијата. Тука се вбројуваат и проблематични животни настани како рана загуба на родител, негрижа во периодот на детството. Исто така чести фактори се и физичката, психичката и сексуалната злоупотреба кај лицата кои страдаат од гранично растројство, иако ова не секогаш е случај. Стресните искуства, како прекина на врска или загуба на работа, може да води кон влошување на веќепостоечките симптоми за гранично растројство.

Третман на гранично растројство

Неодамнешните истражувања покажуваат дека граничното растројство може успешно да се третира и дека состојбата на многу луѓе со овој здравствен проблем се подобрува доколку побараат професионална помош.

Што е гранично растројство?

Граничното растројство може да се третира со психотерапија, а исто така, зависно од случајот, може да се препорачаат и медикаменти за третман на симптомите. Личностите со овој проблем може да се вклучат во групи за самопомош, а од голема важност за подобрување на состојбата е исто така и поддршката од семејството и блиските во текот на третирањето.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *