Што се интроекти и како тие влијаат врз нашиот живот

Интроекцијата е психички механизам во кој личноста презема туѓо искуство (верувања, ставови, чувства, однесување) од средината, без да го исфилтрира низ своето искуство и да даде лична смисла. Овој механизам е особено застапен во детството кога се примаат верувања и ставови од родителите и други значајни фигури. На пример, учењето како да се помине безбедно на пешачки премин е позитивен пример за интроекција.

Што се Интроекти и како тие влијаат врз нашиот живот?

Голем дел од луѓето не посветуваат време размислувајќи од каде потекнуваат нивните вредности и верувања. Многумина се борат (некои и по цена на својот живот) за своите политички или религиозни верувања без притоа да си признаат дека тие се само готово преземени од училиштето, родителите или од она што доминантната култура смета дека е соодветно, исправно. Забелешките од типот „Едноставно такви се работите“, „Секогаш“, „Никогаш“, „Религијата вели..,“, „Мајка ми секогаш ми велеше…“ се добар пример за интроекти. Во сите овие случаи земате нешто од средината без лична критичка анализа.

Колку повеќе ставовите и верувањата сме ги создале по пат на интроекција (преземени готови, без критичност), толку по силно ги браниме кога ќе бидат нападнати (поради недостатокот на самоподдршка и вистинска лична смисла за истото). Можеби токму поради ова конфликтите за вредностите најтешко се разрешуваат.

Вредностите и верувањата се тие кои го обликуваат идентитетот на личноста и му даваат значење на животот. Кога некој ќе се спротивстави на верувањата, често личноста реагира силно дефанзивно и уште повеќе се вкопува во своите убедувања, приоритети и принципи. Така луѓето што имаат поинакви вредости од своите вредности се гледаат како да не се во право и помалку вредни, а ситуациите кои отстапуваат од очекуваните стандарди се доживуваат како лоши. Одбранбеноста која се активира може да се јави до степен на агресија (вербална, физичка, психичка). Со тоа, нефлексибилните верувања може да не ограничат и да ни го стеснат кругот на можности, контакти, животни искуства, вкопувајќи се само во себе си и во тесен круг на лица слични на нас.

Лицата кои ги интроектирале поголемиот дел од своите верувања и вредности имаат силно чувство на загрозеност и страв од различен начин на живеење и постоење. Го минуваат времето жалејќи се на разликите со другите наместо да ги ценат и вообичаено се обременети со чувство дека другите (поинакви од нив) се назадни, грешни и неморални.

Додека сме деца процесот на интроекција е природен и потребен (без механизмот интроекција не би можеле да учиме). Сепак, во зрелоста, секогаш кога се чувствуваме загрозено кога се нападнати нашите верувања, кога ќе забележиме дека реагираме силно одбранбено, да застанеме и да размислиме дали повеќе станува збор за задржување на непреработени („голтнати“), готово преземени верување од средината, кое повеќе не ограничува отколку збогатува како личност и да си признаеме дали е тоа наш интроект или е верување кое доминантно потекнува од нашето внатрешно доживување, смисла и лично искуство кое има силна внатрешна поддршка и не збогатува како личност. За вакво нешто неопходно е ширење на свесноста. Ширењето на свесноста е неопходен процес за личен раст и развој, градење здрава самодоверба, какои и задоволство од животот и задоволство кое произлегува од односите со другите.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.