Што се случува за време на психотерапиjата?

Кога одите кај стоматолог, знаете што ве очекува – третман/поправка на забите. Истото е и кога одите на автомеханичар или доктор – во првиот случај е поправка на автомобилот, а во вториот санација или лекување на она што ви предизвикува болка или здравствен проблем.

Но, кога би закажале сесија кај психотерапевт, дали знаете што ќе се случува? Многумина немаат јасна слика. Дали само ќе разговарате? Дали ќе го дискутирате вашето детство? Дали ќе бидете хипнотизирани? И која е воопшто поентата да се посетува терапевт? Зошто едноставно не разговарате со некој пријател?

Што всушност се случува за време на психотераписката сесија?

Во нашето општество постои огромна нејаснотија за тоа што всушност се случува во текот на тераписката сесија, кои типови тешкотии и проблеми се соодветни за психотераписки третман и кои се придобивките од истиот.

Овој текст има за цел да одговори на некои прашања како: што е психотерапијата, а што не е и како делува?

Дали треба да бидам болен/а или да се соочувам со сериозен проблем за да посетам терапевт?

Одговорот е – Не. Верувањето дека некој треба да има сериозен проблем или болест за да посети терапевт е Мит. Точно е дека некои терапевти специјализираат на некои теми од областа на менталното здравје, како психози или суицидалност, но многумина се насочени кон едноставно помагање на клиентите да работат на повообичаени, секојдневни предизвици како кариерни промени, унапредување на родителски вештини, зајакнување на справување со стрес, или поддршка и советување при минување низ развод. Како што дел од медицинските лица специјализираат за некои посериозни заболувања и здравствени состојби, додека други третираат „полесни“ болести и состојби како грип, кашлица и настинка, така и психотерапевтите може да се едуцирани да работат со широк спектар на потреби и цели кај клиентите.

Всушност, голем дел од клиентите се успешни лица, со високи постигнувања, сосем здрави… Многумина од нив се соочуваат со предизвици во одредени, лични цели – како создавање побалансиран живот, губење тежина, барање подобри начини за воспитување на своите деца, или анксиозност при повторно состанување со партнери/ки по болен раскин на врска.

Како да го одберам вистинскиот терапевт за моите цели или ситуација?

Одбирањето на терапевт е исто како одбирање на професионалец за било која друга услуга. Доколку има, добро е да се посети web страната на терапевтот за да се информирате, или да се консултирате со луѓе кои веќе имале искуство со психотерапија.

Доколку сакате да работите на некој специфичен проблем – прејадување, пушење цигари, промени во работата, обидете се да пронајдете некој кој е професионалец во таа област. Постојат терапевти кои специјализираат за специфични проблеми како работа со парови, родители, справување со стрес, деца, сексуалност итн. Доколку не знаете со кои проблематики работи терапевтот, можете едноставно да се јавите и да прашате. Доколку не работат со проблематиката за која сте заинтересирани, тогаш може да ве упатат кај професионалец во нивната област според вашата потреба.

Што всушност се случува за време на терапијата?

Секоја сесија, во суштина претставува преземање чекори за решавање на проблем или тешкотија. Ја објаснувате сиитуацијата во која се наоѓате и како се чувствувате во врска со тоа, по што терапевтот употребува техники и вештини за да ви помогне во решавањето на проблемот, со цел да можете полесно да се доближите до животот кој сакате да го имате.

На почетокот на сесијата терапевтот вообичаено предлага да споделите што ви се случува во животот, за што размислувате, дали нешто ве вознемирува, или дали имате поставено некои цели за кои би сакале да разговарате. Ќе бидете поттикнати да зборувате отворено.

Терапевтот активно ќе ве слуша и можеби ќе прави забелешки додека зборувате, додека други терапевти забелешките ги оставаат за по сесијата.  Додека зборувате нема да бидете прекинувани, критикувани или осудувани. Сè што ќе споделите во текот на сесијата, останува во строга доверба кај терапевтот. Ова претставува еден посебен вид разговор, каде можете да споделите точно како се чувствувате, сосема искрено, без да се грижите дали ќе повредите нечии чувства, нарушите однос, или да бидете „казнети“ на било кој начин. Сè што сакате или имате потреба да кажете е во ред да изнесете.

Некои терапевти им даваат на клиентите домашна работа која треба да ја направат по сесијата. Зависно од потребата поради која сте побарале помош, домашната работа може да биде да направите профил на мрежа за запознавање, да вежбате три пати неделно или друго. Може да биде пишување дневник или други чекори и предизвици кои се значајни за вашите цели. За време на следната сесија, можете да го споделите вашиот напредок и да посочите дали во некои области сте се соочиле со фрустрација, чувство на заглавеност или откажување.

Секако, секој терапевт е различен, секој клиент е посебен и секоја релација терапевт – клиент се разликува една од друга. Тоа значи дека не постои универзален опис за тоа како изгледа тераписката сесија. Некои терапевти вклучуваат интерпретација на сон во својата работа. Други пак, вклучуваат цртање или друга уметност во нивната работа. Трети работат со хипнотерапија, животен тренер, медитација, визуелизација, или играње улоги заради вежбање значајни разговори кои се предизвик за клиентот. На кратко, зависно од терапевтскиот метод, терапевтот активно слуша без осудување и им помага на клиентите да се обидат да најдат решение за предизвиците со кои се соочуваат.

Дали ќе треба да зборувам за моето детство?

Не е задолжително. Многу луѓе сметаат дека посетата на терапевт значи копање по стари рани од детството, зборување за тоа колку ужасен бил односот со мајката или таткото итн. Ваквото нешто е Мит. Она што ќе го зборувате во текот на сесијата, главно зависи од вашата специфична ситуација и целите. Зависно од целите, може да не зборувате многу за своето минато. Фокусот на терапијата е вашата секојдневна реалност и иднината која сакате да ја креирате.

Од друга страна, доколку навистина избегнувате да разговарате за детството, интензитетот на вашата желба да не зборувате, може да упатува дека всушност и треба да разговарате за тоа. Кога луѓето имаат силни негативни емоции (поврзани со детството, или било која друга тема), вообичаено вреди да се истражи подлабински зошто е тоа така. Што и да е тоа што ги создава ваквите интензивни емоции поврзани со минатите искуства, веројатно на некој начин влијае и на вашиот моментален секојдневен живот.

Колку долго ќе треба да одам на терапија?

Должината на терапевтскиот процес варира од личност до личност. Има клиенти кои закажуваат сесија, работат на својот проблем и веднаш наоѓаат начин да ги „состават коцките“. Понекогаш, еден значаен, искрен разговор е сè што ви е потребно.

Други клиенти, закажуваат сесии во период од неколку недели или месеци, со фокус на еден проблем додека се реши, за потоа можеби да се продолжи со друг предизвик. Има клиенти кои повремено посетуваат сесии, еднаш во неделата или месецот, на некој начин како проверка. Можеби имаат потреба да ги споделат чувствата, да ги подобрат животните вештини, или едноставно уживаат во длабински разговор, медитативни вежби, или хипнотерапија заради ослободување од стрес.  Некои клиенти, сесиите ги доживуваат како место за рестартирање.

Терапијата е за она што му е потребно на клиентот –  еднократен разговор, привремен извор на поддршка за време на значајна животна промена, или континуирано искуство за подобрување на физичкото, менталното, емоционалното и духовното здравје.

Дали психолошката сесија преку телефон или видео е ефективна колку и терапијата лице в лице?

Тоа зависи од вашата личност и преференции. Некои терапевти, (преку Skype, Viber…) закажуваат сесии кога клиентот не е во можност лично да присуствуваа, или бидејќи ваквиот начин на разговор е негова желба. За некои луѓе ова е лесен и достапен начин. Иако постојат ограничувања во посредниот начин на комуникација (во смисла на следење на телесниот говор и сл.), од друга страна на некои луѓе им одговара да го заштедат времето кое би го поминале на пат накај терапевтот. Доволно е само да ја затвараат вратата од собата или канцеларијата за да започнат со сесијата. Можете да се обидете со двата начина, традиционален лице – в лице и видео сесија и да видите која форма е посоодветна за вас.

Зошто да посетувам терапевт? Зошто едноставно не разговарам со некој пријател или член на семејството?

Ако сте благословени со пријатели и семејство кое се грижи за вас и ве поддржуваат во секоја смисла, споделувајте ги со нив своите чувства, цели и соништа. Тие се значаен дел од изворот на поддршка во вашиот животот и нивните увиди и охрабрувања можат да ви бидат од голема помош. Сепак, лицата кои се емоционално приврзани со вас, може не секогаш да бидат доволно објективни кога ве слушаат. На пример, можеби сакате да направите промени во работата и ваквата ситуација ја споделувате со сопругата. Таа може да сака да ве поддржи 100 % и навистина да се труди во тоа, но истовремено може да се соочува со своите емоции, како анксиозност за тоа како овие промени ќе се одразат во вашиот живот. Ваквите емоции може да и отежнат да ве слуша и поддржи објективно.

Токму затоа работата со терапевт може да биде од големо значење. Тоа е единствена можност да споделите сè што чувствувате и сè што сакате да направите, без некој да ве прекинува, да ка вклучува својата анксиозност во разговорот, или да ви кажува што е „погрешно“ или што „не можете“.

Тераписката сесија е место каде не треба да се грижите за тоа дали ќе повредите нечии чувства, можете да бидете целосно искрени. Исто така, имате потенцијали за побрзо решавање проблеми со поголем успех. На долги патишта, подобро е за вас и за секој во вашиот живот.

Заклучок

Терапијата е вредна алатка која може да ви помогне во решавање проблеми, поставување и постигнување цели, подобрување на комуникациските вештини, или да ве научи да ги следите своите емоции и да одржувате оптимално ниво на стрес. Може да ви помогне во градењето на живот, кариера или односи какви што сакате.

Дали на секој му е потребна терапија? – Не. Но ако сте љубопитни за психотераписка работа, таа љубопитност вреди да се следи.

Размислете да посетите една – две сесии, отворете го умот и видете како ќе се одвиваат работите. Имате многу малку да изгубите и потенцијално да добиете многу појаснување, разбирање и постигнување долготрајно задоволство и исполнетост.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *