Споредување со други луѓе

Ние луѓето сме социјални битија и најмногу учиме освен преку своето искуство, и преку искуството на другите луѓе. Уште од најмали, ги градиме личните критериумите и норми според блиските. Ги оформуваме своите вредности и верувања во споредба со и под влијание на луѓето колку нас… Во голема мера нашата личност е оформена преку воспримени делови од личноста и светогледот на други луѓе. Овој процес е неизбежен и значаен во процесот на градењето на личноста…

Но, има еден вид споредување со другите луѓе кое не само што не нè збогатува како личности, туку и не огорчува и сериозно ни застанува на патот на личната добросостојба, добрите односи со другите, а со тоа ни ја одзема и радоста и задоволството од животот… Таквата споредба со други луѓе, е онаа која е нељубовна – За жал, на сите нас добро позната, без разлика дали помалку или повеќе била присутна кај нас, или кај луѓето кои нè опкружуваат .

Споредување со други луѓе

Нејзиниот исход се завидливоста, љубомората,  а со нив и фрустрациите, незадоволството, празнотијата… За жал, оваа споредба многу честo се среќава меѓу нас луѓето и корен е на бројни нус појави.

Можеме да ја сретнеме во домот, на работа, во друштво, на училиште, на социјалните мрежи… насекаде, како вирус кој лесно се шири, па остава сериозни последици и пустош во душата. Прави една бездна меѓу нас и другите луѓе.. Некогаш, бидејќи ваквите последици не се физички видливи, потешко ги забележуваме и малку сме свесни за нивното делување во нас.

Кога се споредуваме со други луѓе како да сме нападнати од еден вид душевно слепило. Слепило за себе, за тоа што можеме, за убавината во другите, за убавината во нас, за благодарноста кон сето тоа… Заедно со неа оди и ненаситност, алчност, бунар без дно за нашите желби и нездрави мотиви да се има сè, да бидеме вакви, такви, онакви.. како некои други луѓе или уште повеќе, подобри, попаметни, поубави, поспешни, по… од нив. Ваквите нездрави мотиви кои оставаат празнотија во нас, упорно бараат пополнење со нешто повеќе и повеќе (бидејќи сè додека не се нахраниме со она што и е потребно на душата, таа е гладна) а колку повеќе полниме (со „нездрава“ духовна храна), толку повеќе се зголемува празнотијата.. (гладот останува и се зголемува) и така во круг. Круг на зависност, круг на самодеструктивност.

А  за да ја надминеме бездната меѓу нас и другите, исполнета со овие нешта, некогаш е толку едноставно… Би можеле само да ја следиме и зацврстуваме невидливата нишка на љубов и поврзаност со другите луѓе. И тогаш, можеме и да прелетаме над бездната…



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *