Справување со бесот

Бесот е емоција која ни е позната на сите. Сепак, различни луѓе се разбеснуваат поради различни причини. Така што, не можеме со сигурност да кажеме дека во целост ја разбираме суштината на бесот.

Бесот како енергија

Бесот во речниците се дефинира со зборови како: екстремно непријателство, револт, лутинa и жестина. Покрај ова, за бесот можеме да кажеме и дека во најголема мера е енергија. Ние имаме моќ да ја искористуваме оваа енергија на бројни начини. Понекогаш не сме ни сигурни зошто го изразуваме бесот на некој одреден начин. Дали избувнуваме, го задржуваме во нас, или пак ни станува „домаќин“ на било кои други штетни модели на однесување? Aко бесот го гледаме како енергија на која и е потребно да се изрази, ние може да ја канализираме таа енергија во попозитивни изрази.

Справување со бесот

Да се држи под контрола сопствената лутина

Наместо да се чувствуваме виновни што чувствуваме лутина и да ја потиснуваме, или да му дозволиме на бесот да расте и да преземе контрола врз нашето однесување, ние имаме моќ да ја држиме под контрола енергијата на бесот и да ја насочиме (трансформираме) за позитивни цели. Изјавите од типот: „Ти ме разбесна и твоја е вината што те нападнав!“; „Тие ми се налутија и затоа и јас им се налутив“ – освен што се неразумни, ја одземаат личната енергија. Во врска со ова може да кажеме дека „тие“ навистина може да ни помогнат да се разлутиме и да изреагираме луто, но во крајна линија ние сме тие кои одбираат да се чувствуваме бесно и да се изразиме на одреден начин.

Да се држи под контрола начинот на кој ја примаме лутината

Слушнете го бесот на другата страна; потоа, наместо да реагирате одбранбено, фокусирајте се врз тоа што се наоѓа во бесот и што двете страни можат да сторат да се разреши конфликтот.

Како можеме да го изразиме бесот на конструктивен начин

Клучот на вештините за разрешување конфликти е како го истражуваме бесот во моменти набиени со лутина кога ако не се направи тоа може да има уште поштетни ефекти отколку самото изразување на бесот.

Да се изрази лутината на конструктивен начин вклучува неколку вештини:

  • Споделете ја одговорноста за својата лутина – не ја префрлајте лутината само врз другата страна. Можете да речете: „Јас се чувствувам луто во врска со оваа ситуација и чувствувам дека она што ти го направи придонесе кон мојата лутина.“
  • Обидете се да не го персонализирате својот бес напаѓајќи го другото лице или група; наместо тоа, фокусирајте се врз однесувањето кое ве прави лути. Напаѓањето на карактерот на другите луѓе, вообичаено не вродува плод. На пример немојте да кажувате „Ти си една целосно неодговорна личност“, изберете да кажете „Доцниш половина час, чувствувам дека не го почитуваш моето време, очекувам во следните средби да дојдеш во договореното време.“
  • Видете ги вашите изливи на бес не само како тераписко ослободување на чувства, туку и како начин на комуникација за тоа колку длабоко самиот конфликт или пак одреден начин на однесување или ситуација влијае врз вас. Другата страна треба да ја знае длабочината на вашите чувства.

Справување со бесот

Примери како можеме да ја изразиме конструктивно нашата лутина:

„Навистина сум лута за оваа ситуација! Лута сум поради тоа што го стори и не разбирам зошто тоа го стори! Претпоставувам дека можев ова чувство да го задржам за себе, но сакав да знаеш колку длабоко тоа ме допира. Но, тоа што сум лут/а за не значи дека не можеме заедно да работиме на разрешување на овој проблем. Сакам ова да го решиме заедно. Во нашите лутини да најдеме нешто што ќе можеме да го сториме за нивно разрешување.“

Ваквите совети, на почетокот може да ви се чинат неприродни и чудни, но со текот на времето може да се вежбаат и да станат природен начин на одговор при конфликтна ситуација со друга личност/група.

Советите кои беа дадени, препорачливо е да се користат во состојба кога личноста е доволно подготвена за конструктивен пристап при соочување со другата страна која е дел од конфликтот, иако може да ни се чини дека никогаш не сме целосно подготвени. Сепак, во моментите кога се чувствувате навистина бесно и не можете да се контролирате доволно, за примена на конструктивен пристап, подобро е ако можете физички и емоционално да се оддалечите од личноста/групата со која сте во конфликтен однос, додека да се „изладите“. Во тие моменти може на пример да се извините и да отидете некое време во друга просторија, привремено да го пренасочете вниманието кон други работи, како кон просторот околу себе или кон сопственото дишење.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.