Страв од одбивање

Сте си замислиле ли некогаш како би изгледал вашиот живот кога не би се грижеле за тоа што другите луѓе мислат за вас?

Мислењата, ставовите и советите од другите можат да ни помогнат, да нè поттикнат, но уште повеќе можат и да нè лимитираат доколку ги прифаќаме безрезервно и поради стравот да не бидеме одбиени ако не се неприлагодиме кон нив.

Страв од одбивање

Со што всушност е поврзан секој страв ? Одговорот е – со можноста за загуба.

Стравот од одбивање е есенцијално присутен кај мнозинството од луѓето, како еден од најдлабоките човекови стравови. Во времето на племенските заедници, исфрлањето од група (племето) во кои биле безбедни, имало значење на закана за смрт. Исто така, во раното детство доколку детето е отфрлено и лишено од грижата, љубовта и прифаќањето на ближните, сериозно е загрозена неговата безбедност и добросостојба. Не е чудно што многумина од нас сакаат да се „вклопат“. Поради стравот да не останеме сами, попрво би се промениле…

Сепак, барањето „одобрување“ за нашите ставови, мисли и постапките од страна на другите (кај возрасните луѓе) може да биде ќор-сосак. Сигурноста треба да се бара внатре во себе, а не во други. Зошто? Бидејќи секој поглед, збор или дело од другите луѓе,  може да е неосновано и погрешно интерпретирано како претстојно одбивање, кога всушност и не е таков случајот.

Чувството кога сме одбиени (без разлика дали тоа е наша реална или погрешна интерпретација на туѓото однесување) поттикнува кај нас бројни други чувства како: пониженост, осаменост, доживувања дека не сме доволно добри, дека сме бескорисни, несоодветни и губитници.

Нема од што да се плашите освен од самоиот страв

Дали сте слушнале за терминот „само-исполнаувчко прорштво“? Овој психолошки поим означува погрешна идеја/замисла за одредена ситуација во иднината која личноста преку своето верување, несвесно се насочува себеси кон исполнување на ваквата замисла. На пример, погрешно верувате дека партнерот/ката ве одбива (всушност, најчесто поради самиот страв од одбивање), па како резултат на тоа, се поставувате одбранбено, се чувствувате анксиозно, можеби и луто. Ваквото однесување навистина може да го предизвика одбивањето од кое се плашите, коешто претходно не постоело. Затоа, погледнете во себе. Вашите верувања во однос на можните одбивања влијае врз вашето однесување. Можете да почнете да ги менувате активностите, додека навистина не согледате што се случува. Почнете за промена да ги барате знаците за работите кои одат на подобро, отколку за работите кои одат на лошо.

Дали сте се запрашале како сакате да се чувствувате, наместо како не сакате да се чувствувате?

Луѓето кои имаат емоционални проблеми често зборуваат за тоа како не сакаат да се чувствуваат. Но, она на што всушност е подобро да се насочите е кон тоа – како сакате да се чувствувате. На пример, замислете си некој кој учи нов јазик, и наместо да се насочи кон тоа што сака да научи, се насочува кон тоа како не сака да учи. Наместо да се фокусирате на тоа како не сакате да се чувствувате, фокусирајте се на тоа како сакате да се чувствувате. Уште сега направете го тоа, посветете неколку минути и насочете се кон тоа како сакате да се чувствувате: релаксирано, индиферентно, самоуверено?

Дали се сеќавате од каде започнал вашиот страв од одбивање?

Некогаш е навистина корисно да се навратиме во минатото и да погледнеме во почетоците на стравот од одбивање. Можеби претходно сте научиле од друга личност дека одбивањето е една од најстрашните работи кои може да ви се случат. Можеби ќе се сетите на конкретни настани кога навистина сте се чувствувале одбиено (ваквите ситуации најмногу потекнуваат од детството). Затворете ги очите и замислете дека се враќате во тие времиња со сегашната ваша личност, со сè што сте научиле до сега. Замислете си дека го смирувате детето во себе, кажете му дека сè ќе биде во ред, на начин како што ве тешеле вашите родители. Колку и да ви звучи ова чудно, оваа техника има навистина моќно дејство.

Конструктивно употребете ја имагинацијата

Нашите мисли и емоции меѓусебно си влијаат. Кога се чувствуваме различно, ние почнуваме и да размислуваме различно и обратно. Затворете ги очите и употребете ја имагинацијата за да се обидете да се чувствувате и однесувате различно во ситуација каде вообичаено се чувствувате несигурно.

Стравот од одбивање – во суштина секој страв – оди во насока на катастрофично размислување:

  • Што ако ме напушти?
  • Што ако ме одбие?
  • Што ако никој не сака да зборува со мене на забавата?

Кога ќе ве обземат вакви катастрофични размислувања може да застанете и да си речете: „Во ред, ако оваа врска заврши, како ќе се справам?“. Така се почнувате да се соочувате со стравот конструктивно. Знаењето дека ќе бидете во ред ви дава поголема самодоверба и ви помага да го исклучите автоматксиот детектор за одбивање.

Запрашајте се што навистина значи одбивањето

Одбивањето, често повеќе зборува за оној кој одбива, отколку за личноста која е одбиена. Негативната повратна информација не дава легитимно значње за вредноста на оној кој е одбиен. Размислете за тоа што сè луѓето одбивале: лек кој спасува животи, договор со Битлси, сликите на Ван Гог, прекрасни партнери.

Brendon Burchard, зборува за стравот од одбивање и дава корисни насоки како да си помогнеме за да го надминеме истиот.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.