Страв од стaреење

Дали постарите лица се помалку среќни? Дали се плашите од староста? Повеќето луѓе одговараат потврдно.

Во староста завршува работниот стаж, телото слабее, помнењето слабее, немаме веќе толку енергија, а пријателите и членовите на семејството умираат. Навистина, ваквата слика не е пријатна па не е ни чудно што многумина сметаат дека старите луѓе се помалку среќни од младите и дека младоста е една од предусловите за среќа.

Но, дали навистина е така? Истражувањата, барем оние кои се современи, покажуваат дека не е така. И дека нема потреба да се плашиме од староста. Преку стотина истражувања имаат покажано дека степенот на среќата и задоволството во секоја животна доба е еднаков.

Страв од старост

Всушност се менуваат и животните стилови кај лицата од различна животна доба. Во едно истражување од пред околу 35 години, се покажало дека младоста е важна за среќата. Од тогаш нештата се менуваат: Многу од старите лица во денешно време патуваат низ светот, уживаат, танцуваат, скокаат со падобран, јаваат итн.

Овие разлики биле толку драстични што истражувачите одлучиле повторно да го прегледаат ова старо истражување и резултатите од истите да подлежат на нови, во меѓувреме развиените статистички анализи. Наводно поголемиот степен на среќа кај младите со тие анализи едноставно се стопил. Попатно биле испитани и 60.000 луѓе од вкупно 40 земји.

Заклучиле дека среќата може да се раздели на три компоненти: животно задоволство, пријатни емоции и непријатни емоции. Животното задоволство расте со годините, појавувањето на пријатни емоции постепено опаѓа, а непријатните емоции не се менуваат. Она што се менува низ годините е всушност интензитетот на емоциите: нема повеќе толку еуфорично веселење, но исто така и разочарувањето и очајот на кои се изложени младите и неискусните.

Иако старите подеднакво уживаат во животот како и младите, а можеби и повеќе, изворите на задоволство се различни. Младите луѓе се повеќе насочени кон запознавање и прифаќање на самите себе и развој на своите способности, додека старите повеќе се насочено кон соочување со проблемите. Младите сакаат да ги прошират своите знаења и искуства, додека старите сакаат да ги продлабочат.

Страв од старост

Во едно друго поголемо истражување во кое биле вклучени 14.000 луѓе од 13 земји, било следено како со различните животни добри се менува задоволството во различни аспекти од животот:

  • Приходот со годините расте, а со тоа и задоволството од приходот. Приходот особено се зголемува кога децата ќе пораснат.
  • Со годините здравјето слабее.
  • Односи со другите: во повеќето земји расте, а кога станува збор за брачните односи, за поголемиот број луѓе има две ниски точки, односно два периоди кога се најнезадоволни – првата кога децата се мали, а втората е кога влегуваат во период на пубертет.
  • Задоволство од работата: Очигледно највисоко е во средната доба. Некои други истражувања говорат дека кај високо образованите луѓе тоа задоволство продолжува да расте, а кај пониско образованите луѓе опаѓа.
  • Слободни активности: разни видови вежбање и други облици на физичка рекреација со годините се намалуваат. Повеќе се практикуваат прошетки, читање и гледање ТВ.
  • Телесен изглед: Со годините не се подобрува, а жените тоа потешко го поднесуваат отколку мажите.
  • Религиозност: Со годините се зголемува задоволството кое произлегува од религиозноста.
  • Страв од стареење: Со годините расте – делумно поради нарушување на здравјето, влошување на изгледот, страв од осаменост и страв од смрт.

Луѓето кои се доживуваат како престари, се потценуваат и не го постигнуваат ни она што навистина можат. Кога ги потценуваат, тогаш тоа се нарекува агеизам. Во светот веќе постојат здруженија за заштита на старите лица од дискриминација.

Што придонесува за среќа во старата животна доба?

Старите луѓе помалку се преокупирани со својата работа, а имаат повеќе слободно време и насочени се кон односите со другите луѓе. Задоволството од работата не им е толку важно, но затоа им станува поважно како го поминуваат слободното време и со кога се дружат. Најсреќни се оние кои активно се вклучени во верски активности, кои уживаат во блиските односи со пријателите и членовите на семејството, релативно се здрави, имаат доволно парични средства и мотивирани се за занимавање со различни активности.

„Староста може да биде најсреќниот период од животот. Многу кои го достигнале она што го нарекуваме старост признаваат дека се чувствуваат непријатно како млади, како тоа чувство да е некој анакронизам, некоја неочекувана свежина. Тоа е вид на свежина која тркачот на долги патеки ја доживува кога на врвот на уморот почувствува нов налет на енергија која го доведува до целта. Оваа свежина е чувство на неопислива радост што сме живи, радост која ја чувствува разиграно дете, можеби без телесна разиграност, но со радост во душата која може да ни овозможи повторно да бидеме млади и среќни, повеќе отколку што некогаш сме мислеле дека можеме…“ – Ashley Montagu, Антрополог



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.