Стравовите кои ги држат луѓето заробени во несреќни врски

Понекогаш луѓето се свесни дека стравот е тој што ги задржува во односите со некои луѓе, но сепак чувствуваат како на некој начин да се контролирани од тој страв.

Во ваквите случаи преземањето какви било акции за промена, се доживува како „опасна зона“. Иако ова често се случува во партнерски односи, останувањето со „погрешна“ личност не се однесува само на романтични врски, туку може да станува збор и за токсични пријателски врски од кои луѓето премногу се плашат да се ослободат.

Стравовите кои ги држат луѓето заробени во несреќни врски

Можеби ќе се запрашате себе си „Што е тоа од што се плашам?!“. Потоа може да наведете и бројни изговори – како „не е вистинското време“, или „сè уште не сум подготвен/а“, сепак вистината зад тоа е дека она што не влече назад е несвесен, огромен страв.

Кои се најчестите стравови со кои не си даваат луѓето да повлечат линија и излезат од нефункционални и неиполнувачки врски со други луѓе?

 

Страв од непознатото

Непознатото често се автоматски се поврзува со опасноста. Може да се каже дека непознатото во нас предизвикува една необјаснива одбојност, поради тоа што не знаеме што може да ни донесе. Исто така, како човечки битија, ние имаме тенденција да се чувствуваме загрозени кога сме во ситуација на неизвесноста. Тоа значи дека, штом излеземе од некое пртнерство или пријателство, ние влегуваме во нова област и можно сценарио за кое не знаеме ништо. Колку е поголем стравот, толку повеќе личноста има тенденција да создава ирационални катастрофични сценарија кои најчесто немаат многу врска со реалноста.

Еден добар начин на справување со стравот од непознатото е да се обидете да земете улога на авантурист, спремен да започне ново и возбудливо патување. Стравот од непознатото не е ништо повеќе од илузија, креација на нашиот ум, која ја одржуваме во нас, бидејќи не можеме да знаеме што е тоа што ќе дојде. Ние еволуционо сме програмирани да одржиме внимание на негативните и загрозувачките пораки поради преживување на ниво на вид. Но, потребно е да бидеме свесни за ова и да се потсетиме себе си дека: претпоставката дека ќе ни се случи нешто катастрофично е еднакво оправдана и можна како и претпоставката да се случи нешто неверојатно добро. Зошто тогаш, секогаш да се фаќаме за негативното и да го преживуваме преку нашиот страв дури и кога не се случува во реалноста. На крајот, ние и немаме целосна контрола на случувањата на нашиот живот и дури и да се случи нешто што навистина би не повредило, ние не можеме секогаш да го спречиме тоа. Некои нешта едноставно се надвор од наша контрола. Ако шансите да се случи нешто катастрофично се еднакви со шансите да се случи и нешто одлично, тогаш зошто да не одбереме да се насочиме кон подобрата можност.

Освен тоа, сигурно кога ќе се завртите кон вашето минато, ќе се потсетите на бројни случаи кога сте имале сосем различни очекувања од она што навистина се случило или сте се плашеле да се случи.

Потребно е да разбереме дека стравот од непознатото не е реалност. Тоа е само чувство на страв кој нашето его го формирало затоа што ни е непознато.

Ние можеме да веруваме и да се потпреме на тоа дека сè што постои во универзумот тежнее кон развој и баланс, а ние како дел од него, ја поседуваме истата таа внатрешна тенденција.

 

Страв да се започне од нула

Овој страв не е реткост меѓу луѓето и често се случува да се одбере да се остане во врска која не е здрава и иполнувачка, отколку да се започне нешто ново и подобро.

Во соочувњето со овој страв добро е да се има ставот дека за добрите работи потребно е да се вложи напор и време. Животот е непредвидлив. Постои голема веројатност дека во текот на животот ќе обновите и уништите односи многу пати пред да започнете да пловите по мирни води.

 

Стравовите кои ги држат луѓето заробени во несреќни врски

Страв дека нема да најдеме „таква“ личност

Без разлика на недостатоците и несоодветниот однос на саканиот/та, од друга страна постојат и позитивни црти и особини кои често не држат зависни и маѓепсани.

Затоа, се плашиме дека нема да најдеме слична личност со која ќе го споделуваме тоа што можеме со неа.

Овој стрв може да ни го обземе умот до тој степен што ќе не спречи во градење нови односи, дури и да било ставено крај на врската. Постојано може да ви се врти во главата „никогаш нема да најдам друг/а како него/неа“.

Точно е дека нема да најдете токму таква личност. Всушност, со лекциите и зрелоста која сте ја стекнале низ претходното искуство, веројатноста е голема дека ќе најдете подобра, односно посоодветна за вас личност. Освен тоа, многу често кога мислиме дека губиме, ние всушност добиваме.

Можеби нема да ги најдете сосем истите карактеристики, но со сигурност ќе најдете особини кај друга личност кои подобро се вклопуваат на  вашата личност и животен стил, дури и ако не го гледате и сфаќате ова на почетокот. Ние имаме тенденција да се приврзуваме за луѓе и ситуации, но не секогаш знаеме што е добро или лошо за нас. Колку пати се случило да веруваме дека загубата на некоја личност или некоја промена на ситуација била болна и негативна за нас, за подоцна да сфатиме дека тоа всушност било вистинското нешто за нас.

 

Страв од подоцнежно каење

Луѓето често се плашат дека ќе се каат за било која акција која ја прават во сегашноста. Исто така, тука е стравот дека ако ја изгубиме личноста која ја сакаме, подоцна ако посакаме повторно да биде дел од нашиот живот, тогаш веќе ќе биде предоцна. Ова се типичните сценарија на нашиот ум секогаш кога имаме намера да ставиме крај на некоја врска. Со стравот од тоа што носи иднината избираме да останеме во моменталната непријатна, но сепак веќе комфорна зона.

Сепак, колку и да се каеме или не, нештата не можат да бидат вакви или онакви само затоа што ние така сакаме. Тука стои и ирационалната надеж дека нешто би се променило, а ние веќе сме решиле да си заминеме. Треба да ги почитуваме нештата кави што се и доколку не ни се допаѓаат такви и не можеме да ги промениме, да направиме нешто фер за себе и за другата личност и да побараме од животот нешто што повеќе ни одговара.

 

Страв од идентификување со болката

Егото ги користи нашите чувства и емоции за да не дфеинира кои сме и какви сме. Така, кога чувствуваме голема болка, ние имаме тенденција се дефинираме себе си како жртва. Можеби на прв поглед звучи чудно, но многумина не сакаат да ја прекинат оваа „врска“ со болката. Личноста тогаш на некој начин се плаши и не сака да го остави делот во себе кој страда и не сака да го напушти. Сето ова, сепак е его игра.

За да го надминеме ова, потребно е да разбереме дека болката може да не дефинира само доколку ние го дозволиме тоа. Освен стравот, болката и страдањата, ние исто така сме надарени и со силни страни, разум и слободна волја. Ние можеме да си дадеме себе си простор и време да минеме низ процесот на зреење и справување со болката и страдањата, но исто така и да научиме дека оној момент кога ќе се одлучиме да ги употребиме силните страни, разумот и волјата, ние ја имаме силата да ја промениме и подобриме секоја ситуација на која наидуваме и ја создаваме во својот живот.



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *