Стрес и анксиозни растројства кај млади: Психотераписки приод

Несигурното приврзување, невротицизмот (ранливоста) и негативното вреднување на сопствената личност прави младата индивидуа да се чувствува анаксиозно, да се плаши од неуспех и да се спречува себе си да влезе во нови ситуации, без разлика дали тие се однесуваат на склопување нови пријателства, влегување во љубовна врска, презентирање на себе си во училиште или на работа.

Психотераписки приод за стрес и анксиозни растројства кај млади

Значајно е психотерапевтскиот процес да им се овозможи на младите со анксиозни растројства да креаираат емоционална релација со терапевтот кој го нуди моделот на сигурно емоционално приврзување, базиран на доверба со почитување на нивните потреби и со разбирање на нивните проблеми. При тоа, во текот на терапијата пожелно е да се обрне внимание на социоемоционалното приврзување со родителите, поради што е важно и тие да бидат вклучени во терапијата.

Во терапискиот процес се работи на освестување на ранливоста, препознавање на когнитивните дисторзии (сознајни искривувања), проблематични мисли кои дополнително ја потенцираат анксиозноста, а водат до зголемување на депресивноста. Во целиот процес, не треба да се заборави сликата за себе и самопочитувањето на личноста, при што најважните елементи се оценувањето на сопствената вредност и емоционалниот одговор на истото. Поради тоа, работењето на прифаќањето на сопствената личност, градењето на позитивна слика за себе и повисокото самопочитување се патоказот за решавање на нивните проблеми и тешкотии.

Психотераписки приод за стрес и анксиозни растројства кај млади

Она што е значајно за младите луѓе со анксиозни растројства е да научат својата слика за себе да ја оценуваат според одделни аспекти, наместо воопштено. На тој начин, своите различни карактеристики или однесувања ќе ги вреднуваат како пожелни или непожелни, без да се почитуваат или осудуваат себеси во целина поради таа една карактеристика или однесување.

Ваквото гледиште дозволува попозитивна слика за себе и повисоко самопочитување, без оглед на однесувањето и особините на личноста, а пораката „Јас сум ОК“ исто така подразбира една општа позитивна перцепција на себе си.

Тенденцијата кон безусловно прифаќање на себеси подразбира согледување на индивидуата дека за нешто е компетентна, додека за нешто друго дека не е компетентна. Тоа им помага на младите со анксиозни растројства полесно да се прилагодат на барањата од околината и полесно да се справат со проблемите.

 

Извор:

Боневски, Д.,Новотни, А., Ралева, М., (2015) Стрес и анксиозни растројства низ различни животни фази. Скопје



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *