Стрес и согорување

Определба и разлики помеѓу стрес и согорување

Согорувањето е емоционален одговор на континуиран стрес кој прогресивно ја намалува вродената витална енергија на индивидуата.

Стресот е притисок врз организмот, напрегнатост којa настанува под влијание на одредени случувања и околности која ги надминува адаптивните капацитети на индивидуата.

Стрес и Согорување

Кај стресот доаѓа до мобилизирање на големо количество енергија за активирање на функциите на организмот со цел да му обезбедат надминување на ваквата состојба. Согорувањето може да биде резултат на тежок и продолжен стрес, но тоа не е иста состојба.

Стресот вклучува премногу притисоци кои поставуваат премногу физички и психички барања. Луѓето под стрес сè уште можат да замислуваат и да мислат. Ако може да стават сè под контрола, тие ќе се чувствуваат подобро. Кај согорувњето пак, тоа не е доволно. Согорувањето вклучува и чувство на празнотија, губиток на мотивација, како и неспособност на грижа за себе. Овие луѓе често не гледаат никаква надеж за позитивни промени во нивните ситуации.

Друга, особено важна разлика меѓу стрес и согорување е што луѓето под стрес обично се свесни за изворот на стрес (стресорот) како и за процесот кој се одвива во нив, додека кај согорувањето, сето тоа останува незабележано.

Кај стресот следиме преангажираност, емоциите се пренагласени, видна е ургентност и хиперактивност, губиток на енергија и на сето тоа често се надоврзуваат анксиозни растројства. Примарната штета е физичка, а животот на оној кој е под стрес му изгледа напорен.

Наспроти тоа, кај согорувањето следиме деангажираност, емоциите се затапени, се пројавува беспомошност и бесцелност, видлив е губиток на мотивацијата, надежта, одвојувањето од околината и депресија. Примарната штерта е емоционална, а животот на оној кој е во burnout му изгледа невреден за живеење.

Стрес и Согорување

Фактори на ризик за согорување

На индивидуален план како фактори на ризик се сметаат одредени црти на личност како на пример: перфекционистички тенденции, тенденција за песимистички поглед на себе си и светот, пренагласена потреба да се контролираат нештата и неподготвеност да се делегираат обврските и високите аспирации. Овие луѓе воглавно својот идентитет го дефинираат преку работата, која единствено им дава можност да чувствуваат компетентност и важност.

Во однос на работното место како фактори на ризик се сметаат: чувството на мала или никаква контрола врз работата, недостатокот на признавање или награди за добро завршена работа, нејасни работни задачи или премногу барања и очекувања, монотона или работа која не нуди предизвик, работење во хаотична средина или под висок притисок. Исто така, дискрепанцата меѓу организациските вредности и имлементациите на организациските вредности се значаен ризик фактор, особено поради тоа што организациите во 21 век се повеќе нудат идеали кои се далеку од она што го спроведуваат.

Превенција на согорување

Превенцијата на лично ниво – пристап кон личноста опфаќа:

  • Наоѓање рамнотежа меѓу одржување на личен живот и професионален живот
  • Управување со времето
  • Разрешување конфликти
  • Вештини за решавање проблеми
  • Техники за релаксација
  • Соодветна исхрана
  • Соодветно спиење
  • Зголемување на самосвесноста

Превенција на ниво на работна организација – пристап кон системот опфаќа:

  • Намалување на стресот на работа
  • Добро комуницирачко работно окружување
  • Промена на работни навики (работни часови, темпо, користење паузи)
  • Не-прекувремено работење, дневни приоритети во работењето

Превенција на пошироко општество:

  • Користење на социјални ресурси
  • Професионална поддршка од колегите
  • Насочување од надредените, ментори
  • Поддршка од семејството и пријателите
  • Стручно советување
  • Ограничување или елиминирање на нездрави релации

 

Извор:

Боневски, Д.,Новотни, А., Ралева, М., (2015) Стрес и анксиозни растројства низ различни животни фази. Скопје



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.