Структура на личностa според Фриц Перлс

Фриз Перлс е еден од највлијателните личности во областа на психотерапијата. Заедно со неговата сопруга Лаура Перлс, основач е на еден од најраспространетите психотераписки правци – гешталт терапијата. Неговиот пристап е развиен во 1950-те години, под влијание на психоанализата.

Едни од главните карактеристики и значајните елементи за психичкиот живот на човекот кои ги нагласува овој пристап се:

  • Човекот се третира како целина. Личноста не се сфаќа како прост збир од нејзините делови, туку како функционална целина.
  • Проширување на свесноста како главна цел во терапијата. Се става акцент на тоа  како личноста функционира во сегашноста – „овде и сега“.
  • Циклус на свесност. Овој циклус се заснова на потребите на личноста и при тоа опишани се седум фази низ кои личноста минува при задоволувањето на потребите (биолошки, психолошки, социјални). Психичките проблеми се јавуваат тогаш кога настанува застој во некоја од фазите.
  • Контакт со себе и со другите – претставува базичен процес во сите односи. Постојат повеќе стилови на контакт. Контактот е од особено значење за задоволувањето на потребите и за воспоставување однос со себе и другите луѓе.

Структура на личноста според Фриз Перлс

Перлс, наведува дека личноста на човекот е структурирана во пет слоја и секој слој има свои посебни функции и карактеристики.

Пет слоеви на личноста според Ф. Перлс

  1. Површински слој – За овој слој, велиме дека е и слој на учтивоста. За него карактеристични се прашањата и изјавите кои ги даваме како на пример: „Како сте? Добар ден…“ и слично. Сите ние користиме вакви фрази.
  2. Играње на улоги – Начинот на кој се прикажуваме себе си. Тука се случува игра помеѓу два дела од личноста –  „topdog“ и „underdog“. „Topdog“ е всушност начинот на однесување, ставовите, вредностите, верувањата кои се општествено прифатливи и морално супериорни, а се целосно превемени („несоџвакани“) од авторитетите (како родителите, воспитувачите…). Служат како определба за тоа како „треба“ да се однесуваме и какви личности „треба“ да бидеме. „Underdog“ пак, е саботер и противтежа на „topdog“.
  3. „Ќор – сокак“ (Impasse) – Многу луѓе кога ќе дојдат до овој слој, сметаат дека тука нема ништо понатаму и дека е место „исполнето“ со празнина и ништотност. Кога личноста доаѓа до овој слој, се чувствува изгубено, без поддршка, без тло. Се буди фантазијата дека нема поддршка во себе или од околината. Личноста не може долго да остане во оваа фаза.
  4. Имплозивен слој – Се нарекува и мртов слој. Карактеристично за него е чувство на интензивна конструкција, блокада и умртвеност.
  5. Експлозивен слој – Кога личноста ќе дојде до овој слој, се случува нагло ослободување на голема енергија која претходно била потиснувана. Чувствата кои се потиснуваат може да се агресија, љубов, тага, болка, радост и други. Кога личноста допира до своите автентични чувства, се актвираат сите лажни слоеви.

Не постои универзален рецепт за тоа какви личности треба да бидеме. Ние сите сме, освен слични еден на друг, и поразлични од сите други луѓе во светот. Не треба да станеме онакви какви „треба“ да бидеме, туку да станеме она што сме. Потребна е храброст за да престанеме да ја играме лажната игра за себе, но тоа е и единствениот начин да дојдеме до својата автентичност и посебност како човечка единка.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.