Тенденции во современата концепција на наставата

Современите дидактички тенденции настанале на позитивното наследство на историскиот развој на методиката и дидактиката. Она што било добро во претходните дидактички концепции (Коменски, Хербарт, Дјуи и други) се прифаќа како основа на која се развива современата дидактика и методика. Во современата дидактика суштински се следните карактеристики и промени:

Тенденции во современата концепција на наставата

  • Современата дидактика се повеќе се заснова на гносеологијата (теории на сознанието) и на материјалистичката филозофија. Поаѓајќи од тоа, наставата се сфаќа како сознаен процес кој се движи на линија: сетилна перцепција – поимање и усвојување на знаења – практична верификација на усвоените знаења и вештини. Сетилното прифаќање на стварноста, мисловната разработка на сетилните податоци и практичната примена се пат на сознавањето. Но, современата дидактика го уважува и дедуктивниот пат – од генерализација кон поединечни примери. Современите дидактичари потполно ги уважуваат достигнувањата за сознајниот процес и на нив ги засноваат своите дидактички концепции.
  • Се отфрлува исклучителноста на претходните дидактички концепции. Не се прифаќаат универзалните рецепти како што се пренесување на готови знаења, самостојно решавање на проблеми или учење по пат на откривање. Секој од нив има предности и слаби страни. Наставникот треба да се определи зависно од природата на содржината и составот на одделението.
  • Улогата на наставникот не се сведува на извор на знаења, туку наставникот да управува со наставниот процес во кој учениците што повеќе ќе бидат активни и самостојни. Наставниот процес се рационализира: се бараат максимални ефекти со што помалку трошење на време, енергија и средства. Наставникот и учениците треба да се соработници, само во таква соработничка и демократска клима може да се остварат целите на наставата. А целите на наставата не се состојат само во стекнување на знаење, туку и способност истото да се користи, креативно да се размислува и понатаму самостојно да се учи. Учениците треба да се вовлекуваат во планирањето на наставата и обликувањето на часот, треба да се почитуваат нивните потреби и интереси.
  • Активното учење се насочува на стекнување на знаења и вештини, на соединување на два елемента, односно на користење на знаењето и на доживотно учење.
  • Дошло до промени во сфаќањето за избор на содржини за наставните програми. Не се прифаќаат исклучивостите на хербартовците кои се залагале за цврсто фиксирани наставни програми, ниту на прогресивистите кои барале да се програмира исклучиво според потребите и интересите на учениците. Денес, во најголем број земји се применуваат диференцирани наставни планови и програми. Во нив, еден дел е заеднички и задолжителен за сите, а друг дел е изборен и за него учениците се определуваат самостојно според своите интереси.
  • Голем број на дидактичари се залага во наставната работа да се применува теоријата на информации, затоа што и самата настава е систем на пренесување на информации, па затоа и подлежи на правилата на информатиката. Со примена на тој систем се обезбедуваат постојани повратни информации, а со тоа и контрола на наставниот процес, што во традиционалната настава е реткост.

 

Извадок од: Методика на настава по психологија – Ѓорѓина Ќимова




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.