Токсични врски

Голем број од луѓето, во еден или друг момент се прашуваат дали се во здрава врска? Дали е ова правиот партнер/партнерка? Дали овие расправии се нормални? Дали се вистински среќни заедно? Одговорот е уникатен за секоја врска, меѓутоа едно нешто е скоро секогаш универзално, а тоа е дека секој пар поминува низ тежок период. Дури и најкомпатибилните партнери ќе доживеат периоди на подеми и падови. Луѓето не се совршени, па така не се ни врските. Сепак, кога лошите моменти почнуваат да ги надминуваат добрите и кога почнуваме да согледуваме разлики и нееднаквости кои се тешки за премостување, може да се запрашаме, дали оваа врска е токсична?

Што подразбираме под токсична врска?

Токсична врска често се карактеризира со повторувачки, меѓусебно деструктивни начини на комуникација помеѓу две особи. Образец кој вклучува љубомора, посесивност, доминантност, манипулација, очај, себичност и одбивање. Една честа тема во токсична врска вклучува интензивно партнерско привлекување, и покрај болката која си ја нанесуваат еден на друг. Ова е очигледно кај парови кои се влезени во „илузорна конекција“, термин развиен од психологот и автор Dr. Robert Firestone, кој ја опишува илузорната конекција помеѓу две особи, како начин кој им помага при олеснување на нивните индивидуални стравови со градење лажно чувство на поврзаност. Илузорната конекција е токсична за врската, бидејќи ги заменува вистинските чувства на љубов и поддршка, со копнеж за фузирање на идентитетите и дејствување како единица. Како што парот изнесува „ние“ наместо „јас“ и „ти“, нивната врска станува форма базирана на настап и улоги, наместо содржина врз основа на вистински чувства и индивидуалност.

Ова се специфични однесувања кои имаат токсичен ефект на врската:

  • Себичност и преголеми побарувања, однесување кое покажува доминантност и моќ над партнерот.
  • Дејствување во улога на родител или дете, покажувајќи субмисивност или доминација.
  • Користење емоционална принуда или манипулација за да се добие посакуваното.
  • Негирање на својот или идентитетот на партнерот, барајќи спојување на идентитети.
  • Мешање на љубовта со очај или емоционален глад.
  • Одбивање да се дејстува на начин на кој партнерот го согледува и ќе се почувствува како сакан.

Токсични врски

Како се завршува во токсична врска?

Постојат три главни психолошки маневри кои се токсични за интимната врска. Секој од нив работи во насока на минирање на можноста да се дојде до љубовна врска со повторување на негативните динамики од минатото. Првиот маневар вклучува селекција, во која личноста одбира партнер кој е погрешен од самиот почеток. Со ова се одбира некој кој потсетува на фигура од минатото или некој со кој може да се повтори сценариото од развојните години. Може да се селектира некој кој поседува слични квалитети со член од семејството или друга фигура која е слична на некоја од минатото, а се однесувала на лош начин. На пример, доколку врската со родителот била пасивна и ладна, постои можност да се бара ист партнер. Во друг случај, постои можност за избор на нешто спротивно, некој кој е арогантен со диви промени во расположението. Како и да е, постои игнорирање на квалитетите кои и значат на личноста во пронаоѓање на партнер, и наместо тоа, селекцијата се базира на влез во врска со личност која е деструктивна и потсетува на некој од минатото. Поврзувањето со партнер на сличен начин како во врските од минатото, рекреира болна интимна врска која е комплицирана уште пред крајот да стане очигледен.

Кога личноста одбира партнер кој е различен од фигурите од минатото, и формира блиска врска, постојат маневри кои повторно можат да ја претворат и оваа врска во токсична. Вториот маневр е дисторзија, кога личноста го „испревртува“ партнерот со цел да го гледа како сличен на некоја фигура од минатото. Со ова започнува новото гледиште кон партнерот, со негативните особини кои се слични со оние на луѓето од минатото. Во реалноста, квалитетите кои биле привлечни кај партнерот, сега почнуваат да предизвикуваат негативни погледи. Со ова постои дисторзирање на партнерот, со цел да се вклопи во онаа стара добро позната шема во која може да се постапи на ист начин како и тогаш.

Кога првите два маневри се неуспешни, луѓето често го користат третиот, провоцираат ситуација во која партнерот ќе се однесува на ист начин како што се однесувале кон нив луѓето од минатите врски. Најчесто, луѓето го прават тоа несвесно, односно не се свесни за начините со кои го провоцираат партнерот да развие однесување кое е веќе познато. Користејќи ги особините кои личноста ги согледува во себе како негативни (љубомора, критицизам итн.), се рекреира емоционална средина која може да е непријатна, меѓутоа е веќе позната и удобна.

Сите овие фази, „селекција“, „дисторзија“ и „провокација“, ги штитат луѓето од ранливост или инвестирање во друга особа. Како и да е, луѓето го прават тоа несвесно, како одбрана од стравот од интимност, па двете страни развиваат шеми кои развиваат токсична врска.

Зошто се влегува во токсична врска?

Луѓето влегуваат во токсична врска со цел да ги повторат шемите од минатото кои се непријатни, меѓутоа добро познати. Секако, ова не се прави свесно. Луѓето често одбираат партнер кој одговара на нив. На пример, ако некој има тенденција да биде пасивен или колеблив, може да биде привлечен од некој кој е доминантен или тврдоглав. Токсичната врска опстојува тогаш кога личноста не успева да ја препознае деструктивната динамика, а ова доведува не само кон нерамнотежа во врската, туку често го ограничува и личниот развој на поединецот.

Како да се излезе од токсична врска?

Запознавањето со самиот себе и своите шеми е клучот за избегнување токсична врска. Ако некој се најде во драматична или комплицирана врска, би било добро да размисли дали направил непосакуван избор или всушност оттурнува некој од себе кој вистински се грижи поради внатрешните ограничувања и стравови. Она што е најчесто во развиените земји каде не е табу тема, е посета на психолог кој стручно ќе се пристапи кон „проблемот“. Штом се разбере самиот себе, секој човек може јасно да ја трасира својата патека. Секој може да ја преземе власта над себе и да воспостави здрава, искрена и исполнувачка врска.



Психолог, Семеен и системски советник. Лиценциран од Комора на психолози на РМ. Претседател и основач на Здружение Психоинтегра. Работно искуство во областа на клиничката психологија. Советувач во психолошко советувалиште на Здружение Доверба и координатор на проекти од областа на зависностите и психодијагностиката.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *