Учете го детето на оптимизам

Што можеме да направиме за да поттикнеме оптимизам кај детето?

Покажете му на детето дека може да ја контролира својата околина

Луѓето со самодоверба се соочуваат успешно со проблемите затоа што веруваат дека можат да направат нешто во врска со нив. Ова уверување дека сме способни да ги решаваме своите проблеми и да ги контролираме нештата во својата околина се развиваат рано во животот. Како можеме ова да го поттикнеме кај децата? Уште додека е многу мало, окружете го детето со интересни играчки со кои може нешто да прави – на тој начин учи де може да ја контролира својата околина. Подоцна допуштете му на детето да презема одговорност за себе.

Учете го детето на оптимизам

Насочете го детето кон позитивно

Мартин Селигман, водечкиот психолог во позитивната психологија, тврди дека детето треба да има двојно повеќе позитивни мисли од негативни.

Поминете секој дека пред спиење малку време со детето и поминете низ добрите и лошите работи кои му се случиле тој ден. Или едноставно прашате го – Што ти се допадна денес од тоа што правеше? На тој начин ќе му помогнете да ги насочи неговите мисли кон позитивните работи во животот.

Внимавајте како го објаснувате тоа што му се случува на детето

Кога детето не може нешто да направи, објаснете му дека тоа е само привремено. На тој начин детето учи дека неможноста нешто да направи не значи дека е трајна и дека истото може да се промени.

Исто така, немојте да правите трагедии од нештата кои не се такви. Ако детето скрши нешто ненамерно, подобро кажете – Во ред е, не е тоа ништо страшно. И јас понекогаш нешто кршам ненамерно. – наместо да викате и да го карате. Ако лошите работи ги третираме како нормален дел од животот и детето ќе научи да со соочува со нив полесно.

Помогнете му на детето да ги согледа позитивните страни на негативните случувања

Пример: Шест годишно дете добива на поклон мало маче за кое силно се приврзало. Но се покажало дека мачето е многу болно и нема многу долго да живее. Блиските му го објаснуваат тоа и му кажуваат дека ако добро се грижи за него, мачето ќе живее барем уште еден месец и нема да умре многу брзо. Така со својата грижа ќе му го продолжи животот. Со тоа објаснување, ближните се обиделе овој тажен настан да го претворат во прилика момчето да се види себе си како добра и грижлива особа. Детето било тажно кога мачето умрело, но се тешело со тоа што му овозможило да живее еден месец подолго.

Покажете оптимизам преку свој пример

Ако сте песимисти веројатно дека такво ќе постане и вашето дете. А ако сте оптимист и тоа го покажувате – и детето тоа ќе го научи по ваш модел.

Како можете најлесно да го моделирате детето на оптимизам? Кога ќе доживеете некое разочарување обидете се да покажете дека тоа нема трагично влијание врз вашиот живот. На пример, ако не сте унапредени на вашата позиција како што сте се надевале, кажете – Добро, овој пат не успеав, но тоа не значи дека нема да успеам наредниот пат. Избегнувајте изјави како – Никогаш нема да добијам унапредување. Јас сум обичен губитник. Така на детето ќе му дадете пример дека непријатни работи се случуваат, но тие не траат засекогаш и може нешто да се направи за да се промени ситуацијата на подобро.

Бидете реални

Не заборавајте дека оптимизмот, колку и да е добар, мора да има свои граници. Нереалниот оптимизам може да биде опасен и да има негативни последици, носејќи разочарување и неприфаќање на негативните случувања во животот кои е нормално да се јавуваат. Ова особено се однесува на тинејџерите кои имаат склоност да ги избегнуваат или компензираат за негативните последици со ризични активности (злоупотреба на алкохол, дрога и ризични сексуални односи).



Психолог, интегративен и гешталт советник. Основач, координатор и советник во здружението за едукација и развој „Психоинтегра“. Области на интерес и делување: психолошко советување и психотерапија. Aвтор на психолошки текстови кои помагаат во продлабочување на увидот во сопствената личност и поттикнуваат градење вредности и вештини за поисполнето и задоволно живеење. Поаѓа од идејата дека личната среќа започнува од контактот со себе и се остварува низ контактот со околината.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *