Важноста на самоприфаќањето

Секој човек е помалку или повеќе свесен за себе, за своите силни и слаби страни и своето однесување. Постојат исто така и луѓе кои како „полуслепи“ минуваат низ животот, со слика за себе која малку одговара на реалноста. Така, можеби сте запознале личност која за себе тврди дека е добродушна, но кога ќе замолите за услуга, лесно ве одбива. Или пак, сте виделе некој како вика, а кога ќе го прашате зошто се лути, ви одговара дека воопшто не е лут/а.

Важноста на самоприфаќањето

Свесноста за себе е еден од најважните детерминенти на самопочитта. Ние не можеме да се чувствуваме комплетно во животот живеејќи во магла, без јасна слика за своето однесување на работното место, во бракот, со пријателите. Обидот да одиме низ животот немајќи јасна слика за себе и избегнувајќи ги непријатните факти, сигурно нема позитивна последица. Ние можеме да го подобриме и промениме само она што е, а не она што мислиме дека е.

Затоа, првиот чекор во развојот на самодовербата е ширење на свесноста за себе – да се видиме себе си онакви какви всушност сме, а не какви би сакале да бидеме. Сепак, таа слика не секогаш е пријатна и затоа многу луѓе ја избегнуваат. На пример, попријатно и поприфатливо за нас е да сметаме дека сме личност која е смирена, отколку личност која постојано ги „губи нервите“.  Затоа, многу луѓе имаат отпори при соочувањето со реалната слика за себе. Кога ќе се видиме себе си какви всушност сме, постои опасност тоа нам да не ни се допадне и да почнеме да се мразиме себе си бидејќи не сме „совршени“ како што би сакале да бидеме. Сепак, ние го мислиме тоа што го мислиме и го чувствуваме тоа што го чувствуваме – ние сме тоа што сме, а не нешто друго. Тогаш кога ќе се прифатиме себе си, можеме да се промениме.

Што и да чувствуваме, што и да мислиме, што и да сонуваме, што и да направиме – наместо да кажеме „тоа не сум бил/а јас“, или „не знам што ми било“, подобро е да кажеме „тоа сум јас“, „тоа е дел од мене“ – можеби баш и не ми се допаѓа, можеби веќе никогаш нема да бидам таков/ва, но во тој момент тоа сум бил/а јас. Ако направиме грешка и признаеме дека сме ја направиле, можеби нема да се чувствуваме најпријатно, но сме си дале себе си шанса да научиме нешто од неа и следниот пат да не ја повториме. Ние не можеме да научиме од грешките кои не сме ги ни признале на себе си.

Сетете се на примерот на родителската љубов кон детето. Тие го сакаат своето дете без разлика дали е или не е најпаметно или најубаво на светот. Го сакаат бидејќи е нивно. Тоа не значи дека нема никогаш да не се налутат на него, да подвикнат или дури да го казнат. Тоа не значи дека нема да ги гледаат неговите грешки и да го учат како да ги поправи. Но, без оглед на сè, тие го сакаат.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.