Воспитанието како основа за структурирање на здрава личност

Сите знаеме дека воспитанието е суштинско за едно дете да израсне во здрава возрасна личност. Но, дали родителите посветуваат доволно време и внимание на своите деца за правилно да ги воспитаат? Дали потфрлаат и не ги забележуваат некои ситници кои се показатели дека треба да поработат на однесувањето на нивното дете, во градење на совест и емпатија?

Воспитанието како основа за структуирање на здрава личност

Денешниот напнат ритам на живеење и недостатокот  на време создава празнина во детскиот свет. Стресниот родител кој е вознемирен, напнат или лут го пренесува тоа на своето дете кое веројатно ќе реагира исто како него. Да не заборавиме дека децата ги имитираат и ги копираат постапките на возрасните бидејќи мислат дека така треба.

Недостатокот на време кај родителите резултира со дете кое има проблеми во однесувањето, потфрла во завршувањето на училишните обврски, ги навредува и малтретира врсниците и соучениците, а кај родителите се јавува отпор да прифатат дека нивното детето има некаков проблем, и таквото негирање не резултира со решение.

Но решението на овој проблем не е со разгалување на детето или пак со викање.

Разгалувањето нема да го подготви за понатамошниот живот, туку ќе биде негов понатамошен хендикеп бидејќи ќе прерасне во возрасен човек кој ќе очекува дека се треба да му биде дадено без тоа да го заслужи. Не дозволувајте да морате да го молите или да го подмитите вашето дете, а тоа да ви наредува, никогаш да не биде задоволно и да не ви обрнува внимание.

Викањето пак како честа форма на дисциплина подоцна доведува до емоционални проблеми или продолжување на неговите проблеми во училиштето, па дури и до зголемување на ризикот за појава на деликвенција.

Поставете правила и придржувајте се до нив. Бидете истрајни и не попуштајте во моментот кога вашето дете ќе се расплаче или ќе направи сладок израз на лицето. Ако еднаш попуштите тоа ќе знае дека со таа постапка подоцна може пак да го добие посакуваното.

Пренесете ги новите правила на вашите родители.  Ако вие се придржувате до правилата, а детето кај баба и дедо го добива тоа што го сака, доаѓа до праќање на погрешни сигнали кај детето и вие станувате негативци во неговите очи.

Најважна од се е комуникацијата. Користете го заедничкото време за разговор без телевизорот, компјутерот и другите електронски уреди. Договорете се да поминете заедничка вечер или пак поставете правило за еден заеднички оброк во текот на денот. Сепак за искрена комуникација не е доволно да се одвои само еден час во денот. Ислушајте го вашето дете, бидете бавни на зборување, научете го проблемите да ги решава со смирен разговор, а не со викање и расправии. Пред да го испратите на училиште охрабрете го и бидете позитивни. Верувајте дека тоа ќе му биде голема помош во текот на денот.

На крајот секогаш морате да знаете дека не е знак на слабост доколку побарате помош. Напротив тоа е корисен чекор и на тој начин мислите на иднината на вашето дете. Бидете сигурни дека не сте единствените родители кои имаат потреба од помош, а затоа и постојат детските психолози.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.