Врската се развива само ако не е загрозена индивидуалноста на партнерите

Постои ли граница меѓу вас и вашиот партнер/ка?

На почетокот на врската, може и да не поставувате вакви прашања. Тогаш најчесто се јавува потребата да споделувате сè со партнерот/ката, сè да правите заедно и да создадете заеднички работи, кои претставуваат основа за врската во иднина.  Постепено, како што врската продолжува и сфаќате дека одите „на долга патека“, можете да почнете да гледате на партнерот/ката покритички и да гледате на него/неа како на ваша рефлексија како што станувате пар.

Врската може да се развива само ако не е загрозена индивидуалноста на партнерите

Чувството на спојување може да придонесе и да се чувствувате како да го губите својот идентитет или како да се губите себе си во врската. Сите кои искусиле заљубеност, знаат дека има убавина кога од две се станува едно. Кога односите во врската се реципрочни, се поттикнува нашето чувство за посебност (уникатност). Но, многу почесто реципроцитетот е нејасно воспоставен и тоа може да допринесе за појава на страв од губење на независноста.

Како што врската се продлабочува, може да почне во вас да расте лутината поради откажувањето од значајните делови од себе, особено ако ваквата жртва се прави поради очекувањата или барањата на партнерот/ката. Одржувањето на овие важни аспекти може да создаде внатрешна тензија во вас. Принудувајќи се себе си да бидете во согласност со очекувањата или барањата на партнерот, овие лични аспекти може да се предимензионираат и изразуваат поекстремно, отколку во случај кога би било дозволено природно да се пројавуваат. Со други зборови, губењето на себе си во врската, може да предизвика анксиозност, незадоволство па дури и безнадежност, а со тоа и да се побуните или да се изразувате себе си на начин кој е претеран што може да и штети на поврзаноста со партнерот/ката.

Запрашајте се: Дали вие и вашиот партнер/ка се расправате околу работи за кои за неколку дена подоцна ќе си речете дека тие и не биле толку важни, иако во моментот навистина биле значајни за вас? Дали ваквите ситуации често се повторуваат? Кога вашиот партнер не се согласува со вас, може да се чувствувате како да сте девалвирани и непочитувани, што може да влијае на стоењето на свое тло кое дава чувство за личен идентитетот.

Кај многу парови, заземањето ирационални ставови може да се должи на потребата да се изразат овие потиснати аспекти од себе. Вие секогаш го имате своето себство, независно од врската во која сте. Но, ако не се чувствувате безбедно во неговото изразување на начин кој е рационален, соодветен и континуиран, ќе почнете да го изразувате помалку сигурно, нејасно и искривено.

Позитивните реципрочни односи охрабруваат себе давање, додека вашиот/та партнер/ка ги почитува границите на вашата потреба за независност. Ако се чувствувате амбивалентно, фрустрирано, несреќно, луто или тажно, можеби вашите граници не се почитувани. Потиснувајќи го гневот (а со тоа и зголемувајќи го како резултат на натрупувањето), истиот може да го изразите и надвор од врската на непријатен или одмаздувачки начин.

Овие однесувања и проблеми може да ја нарушат врската (а во некои случаи и неопходно е да го пронајдете својот пат). Но кога со партнерот/ката сте отворени за промени, тогаш можете да поставите лични граници и на тој начин се прави простор врската да расте и да се продлабочува. Колку што се чувствувате помалку загрозени, толку повеќе можете да бидете отворени. Ако секој партнер е подготвен да ја види промената и желбата за лична независност во врската како можност за развој, тоа би придонело за градење на  позитивна емоционална средина.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.