Значење и развој на критичкото мислење

Мозокот е орган кој може да размслува и е само-свесен. Не само што е најкомплексниот орган за кој знаеме, туку може да кажеме дека е најкомплексното нешто во универзумот за кое знаеме. Мозокот може да помни, чувствува, пресметува, евалуира и носи заклучоци.

Сепак, нашиот мозок, освен силни, има и слаби страни… Генерално сме добри во препознавање на патерни (шеми), толку добри, што често гледаме патерни и каде не постојат. Понатаму, поголемиот дел од нас се слаби во вршење прецизна проценка на веројатност и статистика, што отвара можност за огромен број грешки во мислењето. Можеби нашата најголема слабост е подложноста на заблуди, односно, тенденцијата да се држиме за погрешни и неверодостојни верувања дури и тогаш кога доказите се јасни дека верувањата не се вистинити.

Голем дел од тоа што се сеќаваме и веруваме е недоволно основано на реалноста или едноставно погрешно. Сè што гледаме, слушаме и искусуваме, не е директно воспиремање на надворешниот свет. Всушност, повеќе станува збор за создадена конструкција. Информациите кои ги имаме во значајна мера се дисторзирани, искривени, споредувани и конфигурирани. Освен ова, восприемените информации дополнително ги менуваме со цел да ги интегрираме во нашите веќе воспоставени претпоставки за светот. Нашите мозоци постојано генерират лажни набљудувања, сеќавања и верувања, а сепак перципираната вистината за нашите искуства ја земаме здраво за готово.

Дополнително, живееме во ера не само на интернет информации, туку и во време на дезинформации. Информациите се шират премногу брзо, а многу од нив не подлежат на соодветна проверка. Затоа, развивањето на вештини за критично мислење е моќно, ослободувачки и заштитен механизам против искривената претстава за светот во кој живееме. Запознавањето со метакогницијата (размислување за размислувањето; испитување на процесот на мислење и стекнување на верувања) и развивање на вештини за критичното мислење се неопходни за правилно интерпретирање на информациите и светот околу нас, намалување на грешките во мислењето, а со тоа и подобрување на функционалноста во живеењето.

Како да го развиваме критичкото мислење?

Критичкото мислење се определува како примена на систематска логика и сомнеж за секое тврдење или верување; размислување кое е внимателно и ригорозно. Ова размислување цели кон донесување целокупна или холистчка проценка за податоци /информации кои се ослободени, колку што е возможно повеќе, од претпоставки и пристрасност.

Еден од водечките невролози д-р Steven Novella, ги наведува следните факти и препораки за развој на критичкото мислење:

  • Критичкото мислење е процес и првата компонента е да ги испитате сите факти за кои претпоставувате или сметате дека се точни. Исто така, треба да ја испитате вашата логика. Дали логиката која ја употребувате е легитимна или има некаков недостаток? Можеби е систематски пристрасна во некоја насока. Понатаму, потребно е да ги освестите и вашите мотиви. Луѓето осебено се склони да рационализираат одредено верување за кое сакаат да биде вистинито. Разбирањето и освестувањето на вашите мотиви ќе ви помогне  да правите разлика меѓу заклучоите за кои има поголема веројатност да се вистинити, и оние кои посакувате да се вистинити.
  • Критичкото размислување, исто така, значи да се рамислува за импликациите и логичкото следство на верувањето. Различните верувања за светот треба да бидат компатибилни и меѓусебно да се совпаѓаат. Размислувањето – што сè друго би било вистинито ако едно верување е точно и дали тие меѓусебно имаат заедничка смисла, е добар начин да се заклучи колку верувањето е веродостојно или вистинито.  
  • Добро е секогаш верувањата да ги проверите со други луѓе. Без разлика колку и да се развиени вашите вештини за критичко размислувањето, сепак сте само една личност која е подложна на пристрасност, грешки и дисторзии во мислењето. Вашето знаење и перспективи се ограничени. Всушност, ние сме лимитирани во тоа на начин за кој не сме свесни. Затоа, доколку ги проверувате своите верувања со другите, ја зглемувате веројатноста да ги пополните дупките во знењата.
  • За да го развивате кртичкото мислење потребно е и да се обидете да ја прифатите неизвесноста. Има работи кои едноставно не можеме да ги знаеме или кои мометално не ги знаеме. Има случаи кога и по логичкото разгледување на сите расположиви факти, нашиот единстен заклучок е дека мометално не можеме доволно да знаеме за нешто.
  • Значајно е да се наведе и дека свесното насочување кон критичкото размислување може и да премине во навика. Научниот пристап кон критичкото мислење е емпириско. Станува збор за систематско тестирање на нашите верувања за реалниот свет. Критичкото размислување е една моќна вештина која може да се развие.
  • За овој вид размислување, можеме да кажеме дека е всушност, заштитна стратегија против сите погрешни верувања со кои може да се излажеме, без разлика дали станува збор за идеологија, политика или маркетинг. Критичкото размислување, исто така, нè ослободува од тежината на лажните и некомпатибилните верувања кои ги држиме поради некоја наша емотивна позадина.



Лиценциран психолог, интегративен и гешталт советник. Професионално, главно е фокусирана на областите: психолошко советување и терапија, работа со деца и млади, лица со посебни потреби и маргинализирани групи. Пристапува холистички, во насока на подобрување на менталното здравје, личниот развој, животниот стил и емоционалната добросостојба. Поаѓа од идејата дека добриот контакт со околината и задоволното - осмислено живеење се темелат на степенот на свесноста која ја поседуваме и квалитетот на контактот со себе си.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.