Зрелоста како феномен

Околу нас често среќаваме возрасни луѓе кои ни го отежнуваат животот поради својата неспремност за предизвиците кои им ги носи секојдневието. Попусто се сите аргументи, потрошени нерви и желба за помош кога едноставно некои луѓе нема никогаш да пораснат. Дали за тоа се виновни нивните родители или едноставно се родиле со таков карактер, веројатно нема никогаш да дознаеме. Едно е сигурно, некогаш мислите дека некого познавате, а при мал проблем ја откривате големината на неговата незрела, незаинтересирана, игнорантна личност, па на крајот само можете да се заблагодарите што сте го откриле и имате шанса да го елиминирате од вашиот живот. Следуваат неколку причини за оние луѓе кои никој не ги сфаќа, во конфликтите секогаш им се другите виновни, секогаш се тие во право, а продолжуваат ви се жалат и ве прашувааат зошто никако работите не им одат од рака. Можеби затоа што…

Зрелоста како феномен

Затоа што не си доволно љубопитен. Срам или недостаток на желба да се постават едноставни прашања кои сметаш дека се глупави. Не си ги поставуваш прашањата ниту на себе, ниту пак на луѓето од кои можеш да научиш нешто повеќе. Не сакаш да дознаеш нешто повеќе или да прочиташ некоја добра книга, туку сепак повеќе би листал по home page-от на facebook и би играл candy crush и farmville.

Затоа што мислиш дека си попаметен од тоа што си. Факултетската диплома и учење на материјалот за положување на испит не те прави доволно паметен, ниту ти го дава искуството кое го дава животот. Паметни се оние кои знаат како да живеат, а не оние кои си ја закачиле дипломата на ѕид.

Затоа што се грижиш што мислат луѓето за тебе. Сметаш дека мора по секоја цена да се вклопиш со поголемиот дел од општеството и по никоја цена не смееш да се истакнеш. Радо би седел и би ги судел другите луѓе од „безбедно“ место каде што се повеќето луѓе. Оговарањето сеуште ти е хоби бидејќи најверојатно имаш премногу слободно време и животот ти е празен.

Затоа што вистината-боли. Не дозволуваш никој да го каже своето мислење. Ти си најпаметен но во конфликтите не се бориш со аргументи, туку со повишување на тонот и префрлање на вината. Не си способен да учиш од грешките, туку ги обвинуваш другите за твоите грешки. Проблемот не сакаш да го решиш, туку ја избегнуваш реалноста и ги отфрлаш луѓето кои ти мислат добро. А сево ова е одраз на недостаток на емоционална зрелост.

Ако се пронајде во сите точки тоа значи дека треба да доживееш уште многу неуспеси и разочарувања за да ја доживееш зрелоста. Но, почни одговорноста да ја бараш во себе за да дојдеш до некакво решение и прогрес. А годините како бројка не се знак за зрелост, торта полна со свеќички не е доказ дека зрелоста ќе пристигне сама по себе.




Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.